Од опозициската партија велат дека со денови говорат оти постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија и го повикуваат Јавното обвинителство да спроведе целосна истрага за случајот со марихуаната, кој, како што наведуваат од „Бихаќка“, е потврда за нивните тврдења
„Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат какви било докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска си разменија обвинувања во врска со откриените пет тони марихуана во Србија, која според истрагата на тамошните власти стигнала од Македонија.

Според социјалдемократите, молкот на надлежните во земјава во врска со случајот е потврда дека скандалот, како што го нарекуваат, води директно до самиот врв на власта.
„Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери…? Молкот е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта. Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека со денови говорат оти постои поврзаност на криминални структури во Македонија и во Србија и го повикуваат Јавното обвинителство да спроведе целосна истрага за случајот со марихуаната, кој, како што наведуваат од „Бихаќка“, е потврда за нивните тврдења.
„Молкот мора да престане. Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со пет тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа. Нема бегање од одговорноста“,
велат од „Бихаќка“.
На нивните наводи реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го повикаа нивниот политички опонент доколку има докази за вмешаност на лица од власта во случајот да ги достави до Јавното обвинителство. Во спротивно, се заканија со тужба против СДСМ.
„Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“,
се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија, во врска со случајот, упатуваат и неколку прашања до Социјалдемократскиот сојуз, во кои го споменуваат нејзиниот поранешен лидер и експремиер Зоран Заев.
„Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај? СДС мора да разбере дека ако они крадеа, ние не крадеме. Ако тие даваа пасоши на криминалци, ние не даваме. Ако тие договараа тендери во 4 очи и добиваа автомобили за истото, ние не правиме така. СДС е синоним за криминал, корупција и неспособност, ВМРО-ДПМНЕ е синоним за чесност, работа и дела“,
се вели во реакцијата.
За потсетување, српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија.

Истиот ден, при посетата на локацијата каде што беше откриена марихуаната, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
Во врска со случајот, српските власти уапсија три лица на кои Вишиот суд во Белград им одреди притвор, а истрага е поведена против вкупно петмина осомничени.
Како што соопшти надлежното Обвинителство во Србија, осомничените, кои дејствувале како организирана криминална група на меѓународно ниво, во јануари годинава набавиле повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.
Особено индикативно е тоа што еден од осомничените со иницијали И. Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.
