Тој додаде дека утре во 11 часот ССМ ќе достави и иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица

На 10. овој месец Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе излезе на блокади кои ќе почнат од пред републичкото Собрание, а два дена подоцна ќе продолжат со блокирање пред зградата каде што е сместена Стопанската комора.
За 17 февруари, пак, најавуваат блокада на Владата.
Од ССМ велат дека поради игнорантскиот однос на пратениците кон барањата за поголеми плати, сега преминуваат кон втората фаза од активностите.
„Вчера истече рокот којшто илјадници работници им го дадоа на пратениците во Собранието да направат брзи измени на Законот за минимална плата, со кои минималната плата ќе се зголеми на 600 евра, а останатите плати ќе се зголемат за разликата од зголемувањето на минималната плата, односно најмалку за 6 000 денари. Игнорантскиот однос што го покажуваат пратениците кон работниците предизвика да преминеме на втората фаза од активностите што ги спроведуваме за зголемување на работничките плати“,
изјави денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој додаде дека утре во 11 часот, ССМ ќе достави и иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица.
Трендафилов вели дека со оваа иницијатива ќе бараат да се менува членот со кој е утврдена основицата за пресметка на платите, така што наместо досегашната просечна плата како основица за пресметка по коефициент на сложеност, основица да биде минималната плата по коефициент на сложеност.
„На овој начин, им даваме можност да покажат дека нема да овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија и дека се подготвени да ги намалат своите плати за 40 проценти само со измена на оваа законска одредба, а дополнително да ги намалат и коефициентите за сложеност за 40 проценти“,
рече Трендафилов.
Доколку не го направат тоа, Трендафилов рече дека ССМ ќе почне иницијатива за собирање 10 000 потписи, за да стане овластен предлагач на вакви законски измени.
Тој додаде дека 24-часовниот генерален штрајк останува опција, а не се исклучува можноста и за организирање уште еден протест како оној што се одржа минатата среда.
Во однос на тоа да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор, од ССМ велат дека нема да дозволат работниците да се откажат од еднаш стекнато право загарантирано со Устав и закон.
„Да се откаже работник од стекнато право гарантирано со Устав и закон е спротивно на Законот за работни односи, кој јасно предвидува дека ниту еден работник нема право да се откаже од право утврдено со закон или колективен договор“,
рече Трендафилов.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска рече дека Владата е подготвена да го поддржи секој предлог за зголемување на минималната плата кој ќе произлезе како заеднички договор помеѓу синдикатите и работодавачите и нагласи дека растот на платите мора да биде постепен и во стабилна економска рамка.
Инаку, блокадите на Собранието беа најавени минатата недела откако претходно ССМ одржа протест на кој беа побарани повисоки плати.
