Тој додава дека за в четврток е закажан состанок со Синдикатот на УПОЗ и оти следните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕЕС) на која се очекува да присуствуваат и синдикатите и работодавачите
Дурмиши потсети дека минатата година донеле одлука за ограничување на платите на избраните и именувани функционери и оти по објавувањето на податоците од Државниот завод за статистика овој месец, ќе се донесе одлука во насока на нивно ограничување како и лани

Владата е подготвена да го поддржи секој предлог за зголемување на минималната плата кој ќе произлезе како заеднички договор помеѓу синдикатите и работодавачите. Ова го потврди министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, нагласувајќи дека растот на платите мора да биде постепен и во стабилна економска рамка.
Тој додава дека за в четврток е закажан состанок со Синдикатот на УПОЗ и оти следните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕЕС) на која се очекува да присуствуваат и синдикатите и работодавачите.
„Ако предлогот биде прифатен од сите фактори, односно од сите членови на ЕСС, ние како Влада и Министерство сме таму да ги поддржиме. Нашиот став во рамките на ЕСС сме го кажале од почеток – ако се договорат синдикатите и работодавачите, ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни. Ние ја гледаме целата слика, ја имаме предвид сликата на сите граѓани – и на вработените во јавниот сектор и на вработените во приватниот сектор“,
рече Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања по настанот во Владата, на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.
Тој го повтори ставот да има зголемување на минималната и на другите плати во јавниот сектор, но тоа да биде постепено, со сигурност и да има стабилна економска рамка.
Министерот повтори дека Владата веќе ги зголемила платите во јавниот сектор, во здравството, образованието, полицијата, пензиите.
„Ние со вработените во јавниот сектор имаме договор преку трипартитниот дијалог и речиси 85 проценти веќе се решени. Останаа уште 7 700 вработени, но и со нив предложивме да седнеме, да се договориме, да им излеземе во пресрет“,
додаде Дурмиши.
Прашан дали ќе се зголемат платите на избраните и именувани функционери или дали како министерство работат на некои измени за ограничување или намалување на коефициентите, Дурмиши потсети дека минатата година донеле одлука за ограничување на платите и тие да не се зголемуваат како примањата на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Кажа и дека нема да биде донесена одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите.
Тој најави дека по објавувањето на податоците од Државниот завод за статистика овој месец, ќе се донесе одлука во насока на нивно ограничување, слично како и минатата година.
„Овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика од кои ќе видиме каква е ситуацијата и соодветно ќе постапиме. Стоиме на тој став дека нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите. Минималната плата ќе биде нивелирана или зголемена во март за 7 или 8 отсто, што значи дека во 2028 година ќе имаме зголемување за 40-ина проценти на мининалната плата. Значи, да излезат податоците и ќе донесеме одлука – како што постапивме лани така ќе постапиме и оваа година“,
кажа Дурмиши.
На протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) минатата недела беа најавени блокада на Собранието и други институции, како и генерален штрајк како следни чекори.
Во петокот, од ССМ ги повикаа од Владата за вчера да дојдат и да го потпишат колективниот договор со кој ќе се зголемат платите на вработените за 40 отсто уште од идниот месец. .
Но, вчера, како што рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, премиерот Христијан Мицкоски не се појавил во просториите на Синдикатот за да ја потпише спогодбата за зголемување на минималецот на 600 евра и зголемување на останатите плати за најмалку 100 евра.
На ова од Владата обвинија дека со наводите на претседателот на ССМ се создава лажна слика за социјалниот дијалог. Во оваа смисла оттаму велат дека премиерот Мицкоски за в четврток во 16:45 часот во просториите на Владата закажал средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ.
Денеска, пак, Трендафилов рече дека егото на еден претставник на Владата е причина за незголемување на работничките плати. Според него, минатата година работодавачите биле подготвени да ги зголемат платите на работниците за најмалку 6 000 денари, доколку Владата времено се откаже од продонесите.
Реакцијата на Трендафилов објавена на неговиот фејсбук-профил доаѓа откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во синоќешното интервју во „360 степени“ на новинарско прашање што би изгубила Владата со овој пристап работодавачите да го покријат нето-зголемувањето, а Владата да ги покрие придонесите, рече дека таа, а и буџетот не би изгубиле ништо, но упати за ова да се праша во Владата и во надлежното Министерството за економија и труд.
