Советот разгледува шест или седум предмети во кои постапувал судијата, по добиена анонимна претставка
Претседателот на Судскиот совет очекува извештајот од Комисијата, која ја врши проверката на овие предмети, да биде готов неделава
Судскиот совет ги разгледува предметите во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов, против кого е поднесена кривична пријава откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 000 евра, за кои постои сомневање дека се нелегално стекнати, соопшти претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

„Судскиот совет ќе има проверки во Апелацискиот суд не само за конкретниот судија, туку за работата на сите судии. Беше извршена контрола на некои од предмети во кои постапувал судијата. Но, немам податоци дали е детектиран некој пропуст или не, бидејќи комисијата се уште ги разгледува предметите“,
рече тој, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата за „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“.
Посочи дека советот разгледува шест или седум предмети во кои постапувал судијата, по добиена анонимна претставка.
„Станува збор за шест или за седум предмети. Претставката ја водевме како анонимна, оти беше потпишана од група вработени, стручни соработници и советници на Алелацискиот суд Скопје. Беше без потпис, без имиња, а тоа според законот се води како анонимна. Сепак, решивме да формираме група за да ги провериме овие предмети. Во меѓувреме ни стигна демант, исто така од група вработени, стручни соработници дека тие не ја поднеле оваа претставка. Исто така и оваа претставка е без имиња и презимиња, но со нивен потпис. Но, и двете ги цениме како анонимни“,
вели Камбовски.
Очекува извештајот од Комисијата која ја врши проверката на овие предмети, да биде готов неделава.
Најави дека за брзо време ќе се проверува и целокупната работа на Апелацискиот суд.
На 20 јануари годинава, судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и на апелацискиот судија Ѓоко Ристов му одреди мерка куќен притвор.
Се товари за кривичните дела за кривичните дела – противправно стекнување и прикривање имот, според членот 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Покрај куќниот притвор, на Ристов му е одземен и пасошот, како дополнителна мерка за обезбедување присуство што исто така ја бараше ОЈО ГОКК.
Судскиот совет на барање на судот на итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на апелацискиот судија и да даде одобрение да му бидат одредени мерките за обезбедување присуство што ги предложи надлежното обвинителство.
