Во делот за писмото упатено до Епстин, Росоклија дава претпоставка дека тоа било со цел да му се прикаже научното работење на одделот и да му се побараат средства за финансирање на науката
За оваа соработка, како што вели, тој, Дума и колега од Колумбија објавиле труд во списание на МАНУ, каде што го објасниле целиот проект во детали
Проектот и ткивата користени во истражувањето беа покриени со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата, рече во писмената изјава за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, професорот Горазд Росоклија, зборувајќи за информациите што се појавија во јавноста дека мозоци од Македонија се испраќале за научни цели во САД. Ова прашање стана актуелно во јавноста откако Македонија се најде во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бели робја, педофилија и силување, Џефри Епстин. Станува збор за грант за истражувачка дејност во 90-тите години меѓу Универзитетот во Колумбија и македонските медицински експерти, како и со Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Клиниката за психијатрија.

Во изјавата, Росоклија ја нагласува институционалната процедура за добиениот грант, како и употребата на ткива во научни цели. Посочи дека за грантот за кој станува збор, како и за другите грантови поврзани со Македонија биле обезбедени согласности од етичките тела на Медицинскиот факултет, а по 2006 година, кога тој станал академик, и од етичкиот комитет на МАНУ, како и од Колумбија.
„Тој грант, како и сите други грантови, мислам шест или седум, ги имаат сите согласности од етичкиот комитет на Медицинскиот факултет. По 2006 година, кога станав академик, и од етичкиот комитет на МАНУ, како и на Колумбија. За секое ткиво што е користено има писмена согласност од семејството за интервју и за користење на ткивото“,
вели Росоклија во изјава за ТВ Телма.
Во делот за писмото упатено до Епстин, Росоклија дава претпоставка дека тоа било со цел да му се прикаже научното работење на одделот и да му се побараат средства за финансирање на науката.
Потоа, ја истакнува улогата на поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума, во проектот додавајќи дека токму тој е заслужен за отворање на вратите во научниот свет, што за македонски услови и за македонскиот менталитет било огромен чекор.
„За оваа соработка, Дума, јас и колега од Колумбија објавивме труд во ‘Прилози‘, списание на МАНУ, објаснувајќи го целиот проект во детали“,
пишува Росоклија.
Претходно, поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврди дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години.
Проектот бил финансиран од Националниот институт за здравје на САД, а го добил Универзитетот „Колумбија“, и тоа по многу строги правила. Целта на соработката меѓу Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Институтот за судска медицина во Скопје била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања.
Македонија била избрана затоа што имала висока стапка на обдукции и квалификувани лекари, но недоволно ресурси за истражување. Американската страна имала напредна технологија, но недостиг од примероци.
Посредникот помеѓу Универзитетот „Колумбија“ и Институтот за судска медицина, како што вели Дума, бил професорот Росоклија, а во проектот биле вклучени речиси сите доктори од Институтот, како и дел од Медицинскиот факултет во Скопје.
Американското Министерство за правда објави документи, што се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, каде се најде и Македонија. Станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, во која се пренесува новинарско истражување со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и во него се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со Универзитетот „Колумбија“ имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци.
На веб-страницата на американската Национална библиотека за медицина е објавен документ од Македонската академија за науки и уметности – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“. Во документот насловен како „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“, се зборува за научна соработка помеѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата.
Кој е Горазд Росоклија?
Горазд Росоклија е научник во областа на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, САД.
Завршил три специјализации, и тоа по неврологија, невропатологија и психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Своите невроимунолошки истражувања, како и истражувањата од областа на психијатријата и невропатологијата, ги продолжил на познатиот Универзитет „Колумбија“ во Њујорк, САД.
Работејќи со светски познати стручњаци, Росоклија се афирмирал и се докажал во САД, а и пошироко како водечки истражувач на подрачјето на невропсихијатријата со потекло од Македонија. Од 1998 до 2005 година тој бил доцент по психијатрија, а од 2005 година бил номиниран за вонреден професор за клиничка психијатрија на Одделот за психијатрија при Колумбија Универзитетот во Њујорк.
Член е на Македонската асоцијација на невролозите и психијатрите од 1980 година, на Европското невролошко друштво од 1986 година, на Американската академија за неврологија од 1993 година, на Американската асоцијација на невропатолозите од 1996 година и на многу други асоцијации и истражувачки центри.
Во јуни 2007 година Росоклија е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав.
Во декември 2015 година, Росоклија беше именуван за претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Македонија.
