Првообвинет во случајот е управител на правно лице кој аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење средства преку ИПАРД. Бидејќи правното лице не ги исполнувало условите, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка. За апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и им давал пари на вработени во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против пет лица поврзани со случајот за незаконско влијание за доделување средства од ИПАРД-програмата. Едно лице е обвинето за давање поткуп, еден од обвинетите се товари за примање поткуп, а тројца се обвинети за примање награда за противзаконито влијание.

Првообвинет во случајот е управител на правно лице кој аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење средства преку ИПАРД. Бидејќи правното лице не ги исполнувало условите, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.
„Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50 000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5 000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена“,
наведуваат од Обвинителството.
ОЈО ГОКК утврдило и кривична одговорност кај уште четири службеници во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој против кои е поднесен обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластување, а на кривично одговорното правно лице на товар му се става давање поткуп.
Постапувајќи спротивно на своите надлежности, обвинетите овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. При обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и решението за одобрување на финансиска поддршка.
Второобвинетиот, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
„Поради неизменетите околности, законските основи поради кои на четворицата обвинети им беше определена мерка притвор, а не едно лице мерка куќен притвор, сè уште постојат, па со обвинението до судот е поднесен и предлог за продолжување на изречените мерки. За обвинетите државни службеници со посебен предлог се предложени мерки на претпазливост: забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело, односно работни активности како службено лице во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, одземање патни исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган“,
наведуваат од Обвинителството.
Со обвинителниот акт се предлага и одземање на предметите за извршување на кривичното дело – мобилни телефони, медиуми за складирање дигитални податоци и парични средства во износ од 35 370 евра, 206 000 денари и 200 швајцарски франци.
