„Понудата е тоа, ставена е на маса и доколку се прифати од нивна страна и нема никаков проблем, тогаш и овие 7 700-7 800 државни службеници и административци ќе добијат за две години и два месеци од денеска минимум 40 проценти повисоки плати“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, пак, вели дека ова не е понуда на Владата туку барање на синдикатот: „Овој предлог беше прифатлив уште пред година дена. А зошто се чекаше година дена, тоа некој друг треба да одговори”

На повидок е решение за дел од барањата на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на платите, откако премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека за околу 7 800 работници кои се дел од јавната администрација Владата е подготвена да се согласи со зголемување на платите од 40 отсто во период од 26 месеци, а од Синдикатот на УПОЗ рекоа дека тоа е, всушност, нивно барање старо една година.
„Ние сме подготвени. Не е важно каде. Ние ќе појдеме и ќе го потпишеме тоа. Понудата е тоа, ставена е на маса и доколку се прифати од нивна страна и нема никаков проблем, тогаш и овие 7 700-7 800 државни службеници и административци ќе добијат за две години и два месеци од денеска минимум 40 проценти повисоки плати“,
изјави Мицкоски при денешната посета на Тетово.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, за ТВ Телма изјави дека ова било прифатливо за нив уште пред една година и додаде дека не се работи за понуда на Владата, туку за барање на синдикатот од 2025 година.
„УПОЗ, за оној мандат што ми е даден мене од членовите на УПОЗ, го прифаќа овој предлог. И овој предлог беше прифатлив уште пред година дена. А зошто се чекаше година дена, тоа некој друг треба да одговори. А уште поприфатлив е новиот предлог, ако можам да се изразам така, за две години администрацијата и правосудството да добијат 40 отсто. Понеделник, вторник, среда – кога му одговара на премиерот и кога им одговара на министрите, да се дојде и да се потпишат овие колективни договори и да ја завршиме оваа голгота бидејќи административците и колегите од правосудството имаат најниски плати во државната и во јавната администрација“,
изјави Деаноски за ТВ Телма.
Засега останува неизвесно дали ова потенцијално решение ќе повлече решавање и на барањето за зголемување на минималната плата и за растот на останатите плати.
Од опозицискиот СДСМ и денеска порачаа дека минималната плата не е доволна за трошоците на едно просечно домаќинство.
„Сегашното ниво од 400 евра минимална плата не обезбедува доволно заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство. Работниците буквално се борат за парче леб и не може да чекаат до 2028 година. Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа“,
соопштија од СДСМ.
Во средата во Скопје се одржа протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тогаш беа најавени блокада на Собранието и други институции, како и генерален штрајк како следни чекори.
