Дел од пораките се однесуваат и на прашањето за мерењето на загадувањето. Активистите сметаат дека не се прикажува реалната состојба при мерењето на загадувањето
„Профит за Усје, болести за нас“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, туку наше право“ се дел од пораките испишани на транспарентите што граѓаните денеска ги носат на протестот против загадувањето на цементарницата пред Владата.

Учесниците на протестот повторно побараа затворање на цементарницата „Усје“, посочувајќи дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на граѓаните. Сметаат дека институциите имаат одговорност кон граѓаните и дека барањата за заштита на здравјето и животната средина мора да добијат конкретен институционален одговор.

„Институциите го штитат Усје, наместо граѓаните. Го признаваат проблемот, но не нудат никакво решение, наместо да нè штитат нас. Сето тоа го прават за профит бидејќи за нив профитот е најголем приоритет. Скопје е наше, без нас нема да постои Скопје. Доста ни го земаат за да остварат профит. Историјата покажува дека ниту еден народ што бил сплотен, не бил победен. Затоа, станете, народе, ни ги трујат децата“,
порача активист на протестот пред Владата.
Потоа следуваа извици на насобраните:
„Стоп за Усје“.
Додека се движеа кон Собранието, учесниците ги повикуваа минувачите со пораката:
„Дојдете со нас“.
Дел од пораките се однесуваат и на прашањето за мерењето на загадувањето. Активистите сметаат дека не се прикажува реалната состојба при мерењето на загадувањето.
Протестот продолжи пред Собранието, а потоа и пред зградата каде што е сместено Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во очи денешниот протест, од компанијата ТИТАН Усје соопштија дека повеќе од еден месец се цел на неосновани напади. Потсетија дека компанијата веќе е под 24 часовен независен мониторинг и дека резултатите се јавно достапни.
„Мерните инструменти се поставени од страна на SICK- Германија, и ТИТАН Усје нема никаков пристап до овие инструменти, односно се работи за независен мониторинг. Точноста на овие мерења се потврдува со редовна калибрација на уредите за мерење и повеќекратна проверка и од страна на овластени меѓународни тела“,
соопштија од ТИТАН Усје.
Како аргумент плус, од ТИТАН Усје велат дека воздухот во Скопје бил загаден и во деновите кога фабриката воопшто не работела.
„Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје. Загадувањето во Скопје беше високо и во изминатиот период кога ТИТАН Усје воопшто не работеше. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работеа – едната, печка број 4, од 20.12.2025 година, а втората, печка број 3 од 16.01.2026 година, се до 29.01.2026 година, кога печката број 4, беше повторно вклучена, согласно работниот план. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работеше во овој период, највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна и до 275 микрограми на кубен метар“,
соопштија од ТИТАН Усје
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово, одговарајќи на новинарско прашање за денешниот протест „Стоп за Усје“, рече дека секој граѓанин има право јавно да го искаже своето незадоволство.
„Ние како Влада правиме сè за граѓаните да имаат здрава и чиста животна средина. Тоа што со децении ништо не е направено, немам што да кажам“,
рече тој.
Според него, Владата презела конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот и на животната средина преку договори за изградба на когеренетивни централи и системи за далечинско греење, како и преку одлуки за набавка на електрични автобуси, кои не се наменети само за главниот град.
