„Веројатно пратениците ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците. Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пеш или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден“, рече претседателот на ССМ
Од ССМ го повикаа претставникот на Владата в понеделник да дојде и да го потпишат колективниот договор за работниците да земат поголеми плати уште од идниот месец

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги повикаа од Владата в понеделник да дојдат во зградата на ССМ и да го потпишат колективниот договор со кој ќе се зголемат платите на вработените за 40 отсто уште од идниот месец. Во спротивно од ССМ најавуваат дека ќе почнат со блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.
„Го повикуваме претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година да ја зголемиме минималната плата на 600 евра од февруари 2026 година. Го покануваме преку вас медиумите да дојде и да ја зголеми платата. Но, доколку не дојде, што тогаш“,
рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција.
Трендафилов рече дека работниците од улица им кажале дека платите не се зголемени и оти за тоа не е виновен ССМ, како што велат од Владата.
„Да не речат после дека има некои политички намери, работниците се обединија околу сиромаштијата и мизерните плати“,
додаде Трендафилов.
Тој рече дека ССМ останува на најавите за блокади кои ќе почнат од следната недела, а први што ќе бидат блокирани се пратениците во Собранието.
„Веројатно тие ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците. Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пеш или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден“,
рече Трендафилов.
Исто така, тој најави дека останува и одлуката за организирање 24-часовен генерален штрајк која е донесена од страна на највисоките тела на Синдикатот.
За генералниот штрајк, Трендафилов рече дека ќе трае 24 часа, а сите работници што ќе излезат ќе бидат заштитени.
„Одлуката за поведување генерален штрајк ќе ги заштити сите работници кои тој ден нема да ги извршуваат своите работни обврски и ќе излезат на улица, како што тоа го прават нивните колеги во Франција, Грција и Белгија. Законот ги штити работниците“,
рече претседателот на ССМ.
Тој најави дека ќе бидат определени само нужни работи кои мора да се извршуваат, исто како што било и во 2020 година кога организирале генерален штрајк во јавниот сектор.
„Здравството и безбедноста ќе бидат дејности кои ќе функционираат со минимум процес на работа, а сите останати ќе имаат полно право да застанат зад одлуката за генерален штрајк, да дојдат на улица и да не ги извршуваат своите работни задачи и на таков начин да им покажат на работодавачите, на бизнис елитите и на функционерите што мисли работникот за нив“,
рече Трендафилов.
За протестот што се одржа во средата, Трендафилов им се заблагодари на сите работници што присуствуваа, особено на оние на кои, како што рече, им бил вршен притисок да не излезат.
Тој наведе примери каде е вршен притисок и ги спомена Македонска пошта и заменик-генералниот директор, како и Тутунскиот комбинат од Прилеп каде што извршен директор ги повикувал вработените да не одат на протест и да потпишат пристапници во КСС.
Посочи и на случаи во кои претставници на синдикални организации на КСС изјавувале дека нема потреба од излегување на протест како регионалниот претставник на СОНК за Делчево и на претседателката на синдикалната организација во Македонска пошта за каде побара Државниот инспекторат за труд да направи надзор и да утврди како за краток период се собрани огромен број на пристапници.
„Жалосно е што Конфедерацијата на слободни синдикати, преку медиумите, неколку дена пред одржувањето на големиот работнички протест за зголемување на платите, излезе со став дека нема потреба од вакви радикални чекори, бидејќи платите на вработените се зголемиле за 20 проценти. Ако на еден член во Конфедерацијата на слободни синдикати му е зголемена платата за 20 проценти, во ред, а доколку не, веднаш да излезе од таа конфедерација, затоа што терминот ’слободни’ очигледно е заробен“,
додаде тој.
Трендафилов потсети дека претседателот на истата конфедерација во телевизиска емисија истакнал дека платите на функционерите се ниски, дека треба дополнително да се зголемат и дека функционерите не можат да имаат плата од 1 000 евра.
