Од Националниот парк „Шар Планина“ апелираат до посетителите да бидат претпазливи и да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планинатата без придружба на квалификувани и стручно обучени лица
На територијата на националниот парк Шар Планина има опасност од лавини, особено во деловите од планината што се наоѓаат на надморска височина над 1 700 метри, информираат од управата на паркот.

Екипа на НП „Шар планина“, по добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“, за забележана лавина на подрачјето на паркот, излезе на терен и изврши увид на локацијата.
„Претходно, екипа на операторот изврши пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица што со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви“,
се вели во соопштението од Националниот парк.
Зголемената лавинска опасност, како што велат, е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ги температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите денови.
Овие фактори, во комбинација со релјефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.
На терен, додаваат надлежните од паркот, е спроведена експертска анализа на стабилноста на снежната покривка, при што е утврден висок степен на лавинска опасност (степен четири), според европската скала за оценување на лавински ризик.
Од Националниот парк „Шар Планина“ апелираат до посетителите да бидат претпазливи и да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планинатата без придружба на квалификувани и стручно обучени лица.
„Посетителите треба навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот“,
велат од установата.
Стручни служби на паркот, во соработка со туристичките оператори и експртите за лавини, континуирано ја следат состојбата на терен поврзано со лавинанската опасност.
