„Ќе има ли истрага и за Цвета Ристовска? Ќе важи ли законот и за оние што го спроведуваат? Или октоподот ќе продолжи да ги штити своите пипала, дури и кога тие седат во самото срце на ‘антикорупцијата‘. Дали ДКСК планира најавените контроли да ги почне од сопствениот двор“, прашуваат од партијата
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, иако е должна да поднесе навремен, вистинит, детален и целосен анкетен лист со со својот имот, но и со имотот на своето семејство, не го сторила тоа и свесно го прекршила законот, се вели во денешното соопштение од политичката партија Левица.

Како што посочуваат оттаму, законското решение треба двојно да важи за член на ДКСК, институција што изрекува прекршочни санкции и поведува постапки токму за непријавување, прекривање и неточно пријавување имот.
„Сепак, Цвета Ристовска, иако била должна не ги пријавила фирмите на своите деца во анкетниот лист. И не станува збор за формална грешка, туку за свесно прикривање податоци, кои законски морале да бидат внесени, а образецот на анкетниот лист содржи токму такви полиња“,
велат од партијата.
Од Левица прашуваат дали Цвета Ристовска ќе се казни сама себеси, или како и во сите случаи поврзани со власта на ВМРО-ДПМНЕ, така и овој таа ќе го затвори или заглави во некоја фиока.
„Станува збор за членка на тело што во изминатиот период систематски ги амнестира од одговорност функционерите на ДПМНЕ – од сомнителни дипломи преку судир на интереси до милионски тендери. И секогаш ‘не се наоѓаше ништо спорно‘. Денес, истата оваа членка се соочува со фактот дека самата го прекршила законот“,
пишува во реакцијата.
Според партијата, ова не е само институционален пропуст, туку многу повеќе е прашање на интегритет и кредибилитет бидејќи, како што велат, ДКСК, во која член што затвора предмети од власта, а во исто време ја прикрива својата имотна состојба, не е чувар на јавниот интерес, туку дел од партиско-коруптивниот механизам.
„Ќе има ли истрага и за Цвета Ристовска? Ќе важи ли законот и за оние што го спроведуваат? Или октоподот ќе продолжи да ги штити своите пипала, дури и кога тие седат во самото срце на ‘антикорупцијата‘. Дали ДКСК планира најавените контроли да ги почне од сопствениот двор“,
прашуваат од Левица.
Оттаму најавија и дека утре ќе објават зошто Ристовска свесно ги прикрила овие фирми.
Инаку, од оваа партија минатата недела излегоа со обвинувања за работата на ДКСК, односно дека до нив пристигнале пријави што укажуваат на незаконско политичко влијание и судир на интереси во кои е инволвирана членката на Комисијата, Цвета Ристовска.
Се тврди и дека во ДКСК е воспоставена мрежа за контрола на предметите со цел заштита на интересите на владејачката структура на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДКСК ги отфрлија наводите на Левица дека во институцијата постои политичка мрежа на влијание, судир на интереси и селективно постапување по предмети.
Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, оцени дека обвинувањата се неосновани и целосно спротивни на начинот на кој функционира ДКСК. Тој нагласи дека системот за распределба на предмети не дозволува никакви манипулации.
