Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон Шенген-зоната, кој, според најавите, ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај функционира непречено

Товарниот сообраќај на граничните премини и натаму останува блокиран поради протестот на транспортните превозници од Западен Балкан. Тие пред четири дена поставија камиони на граничните премини кон земјите од Шенген-зоната, барајќи Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во зоната.
Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон Шенген-зоната, кој, според најавите, ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај функционира непречено.
Затворени за товарен сообраќај се граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“ и „Блато“, а преминот „Табановце“ е затворен од српска страна.
Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната и правилото 90/180 дена, кое, според камионските превозници, ја парализира нивната работа.
Камионските превозници се револтирани од правилата на ЕЕС бидејќи, според нив, тие се третираат како туристи и дозволен им е престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
Македонските власти очекуваат да се надмине проблемот на превозниците, прашање кое, како што велат, е отворено уште од септември со Европската комисија (ЕК).
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во обид да се изнајде решение за механизмот на ЕУ за престој на превозниците во земјите од Шенген-зоната.
Она што досега го велеа од Брисел е дека ја следат ситуацијата, но остануваат на ставот дека правилата не се нови. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, вели дека системот за влез-излез само обезбедува подобра контрола на постојните правила.
Портпаролот на Еврокомисијата за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во понеделникот во врска со протестите и блокадите на границите од страна на балканските превозници, изјави дека Комисијата работи на нивно надминување во рамките на подготовките на Стратегијата за визи.
Според најавите Европската комисија денеска ќе усвои две нови стратегии, едната за визите, а втората за миграцијата и азилот.
