Протестот продолжи пред Собранието, од каде што претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека ќе поднесат закон за намалување на платите на функционерите, а за зголемување на тие на работниците
Попладнево пред Работничкиот дом во Скопје почна протестот во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на кој работниците го изразуваат своето незадоволство од висината на платите.
Тие испратија барање за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.

На протестот може да се забележи присуство на голем број работници, а има и припадници на полицијата.
Во центарот на Скопје има посебен сообраќаен режим.
За време на движењето низ скопските улици, учесниците на протестот постојано извикуваа: „Лопови, лопови“.
Протестот потоа продолжи пред Собранието, од каде што претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов најави дека ќе поднесат закон за намалување на платите на функционерите, а за зголемување на тие на работниците.
„Ако не се зголеми минималната плата, доаѓаме по вашите плати“,
порача тој.
Посочи и дека функционерските плати се од даноците што ги плаќаат работниците.
Се очекува протестот да продолжи пред Владата, од каде што работниците ќе ги повторат своите барања.
Протестот наиде на поддршка од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и Левица. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека овој протест има политичка заднина.
