Во извештајот од ДЗР е наведено дека Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36 505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот

Државното јавно обвинителство има оформено предмет и се преземаат дејствија за проверки откако Државниот завод за ревизија (ДЗР) на 19 декември минатата година го доставил ревизорскиот извештај за Општина Охрид за 2024 година. Од државното јавно обвинителство велат дека извештајот е доставен на надлежно постапување во охридското обвинителство.
Конечниот ревизорски извештај за Општина Охрид за 2024 година вчера беше објавен од ДЗР и во него се наведува дека ревизорите констатирале состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење е изразено мислење со резерва или неповолно мислење на финансиските извештаи за 2024 година.
Во извештајот е наведено дека Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36 505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот.
Ревизорите утврдиле дека во дел од населените места се утврдени изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.
Според ДЗР, за 11 населени места или села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за девет населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сè уште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврдила дека има изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, а за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени биле 4 847 решенија за одбивање, но не биле преземени мерки истите да бидат отстранети иако, како што велат ревизорите, овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби.
Со ова, од ДЗР велат дека не е испочитувана обврската предвидена со „Планот за заштита на културно наследство“ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот.
Ревизорите утврдиле дека врз основа на спогодба од 2023 година, била извршена експропријација на градежно земјиште во Велгошти, сопственост на правно лице, кое земјиште согласно ГУП е наменето за градење на гробишта. Како надомест за експроприраното земјиште се дава градежно земјиште во државна сопственост со намена хотелски комплекс.
„Согласно извршената проценка од страна на овластен проценител експроприраното градежно земјите е проценето во вредност од 3 315 илјади денари, додека земјиштето кое се дава како надомест на 2 622 илјади денари, а за разликата од 693 илјади денари понудена е друга недвижност за која постапката сè уште е во тек“,
се вели во извештајот од ДЗР.
Оттаму додаваат дека со оглед на тоа оти се предлага надоместок за експроприрана недвижност на друго државно земјиште предметот е доставен и до државното правобранителство кое укажува да се запазат одредбите од Законот за води кои се однесуваат на земјиште кое не смеело да биде предмет на правниот промет, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на крајбрежниот појас на Охридското езеро.
Ревизијата утврдила и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето, а за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење и согласност од Управата за заштита на културното наследство.
За надминување на утврдените состојби од ДЗР велат дека се дадени препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.
Од Општина Охрид вчера посочија дека ќе постапат согласно дадените препораки од Државниот завод за ревизија по Извештајот изготвен врз основа на ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година.
„Општина Охрид ги прими забелешките од Државниот завод за ревизија по спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2024 година. Веднаш се преземени активности за постапување согласно дадените препораки, преку утврдување на конкретни мерки и задолжувања на надлежните институции и одговорните лица“,
истакнуваат од Општина Охрид.
Од Општината Охрид велат дека остануваат посветени на унапредување на финансиското работење, транспарентноста во согласност со законските процедури и важечките прописи.
