„Ќе ви одговориме официјално, не сакам да испадне дека имало некоја претставка, а јас во моментов да не се сеќавам и да ви дадам неточна информација“, изјави претседателот на Судскиот совет на прашањето дали против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом беа пронајдени соѕидани 350 000 евра, биле поднесувани претставки за примање мито
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, не знае точно колку пријави или претставки досега биле поднесени против скопскиот апелациски судија Ѓоко Ристов, кој е под истрага на Обвинителството откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 000 евра, за кои постои сомневање дека се нелегално стекнати. Камбовски не се сеќава ниту дали некоја од претставките против Ристов била за земање мито.

„Видете, во Судскиот совет има безброј претставки. Од прва, јас не се сеќавам конкретно дека имало претставка за земање мито или нешто слично. Еден пример, колку што се сеќавам, се водеше за негово неизземање во предмет, а требало да биде изземен. А вакви конкретни… сега не можам да се сетам. Ќе ви одговориме официјално, не сакам да испадне дека имало некоја претставка, а јас во моментов да не се сеќавам и да ви дадам неточна информација“,
изјави Камбовски пред денешната седница на Судскиот совет.
На новинарско прашање дали против Ристов биле поднесувани пријави од страна на негови колеги судии од Апелацискиот суд, Камбовски вели дека немало такви пријави.
„Од негови колеги, од Апелација досега немало пријава во Судскиот совет. Имало можеби претставки, имало анонимни претставки, меѓутоа од колеги, од колеги судии – не“,
изјави Камбовски.
За случајот со Ристов додаде дека Судскиот совет постапил согласно барањето на Основниот кривичен суд Скопје и му го одзел имунитетот на апелацискиот судија за да може да се спроведе предлогот на Обвинителството и да му бидат одредени куќен притвор и мерки на претпазливост.
