Целта, како што вели скопскиот градоначалник, е целосно отворање на просторот на Скопското кале, негово приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, притоа, како што вели, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство на локалитетот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека денеска извршил обиколка на Скопското кале со цел увид во актуелната состојба на локалитетот и можностите за негово натамошно активирање во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. На увидот бил заедно со министерот за култура Зоран Љутков и претставникот од Управата за заштита на културното наследство Драги Митревски.

Ѓорѓиевски вели дека целта како градоначалник му е целосно отворање на просторот на Скопското кале, негово приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, притоа, како што вели, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство на локалитетот. Скопското кале, додава скопскиот градоначалник, ќе биде жива културна сцена на градот.
„Низ светот постојат многубројни позитивни примери каде што објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град“,
вели Ѓорѓиевски.
Скопскиот градоначалник во оваа смисла посочува дека реафирмацијата на Скопското кале е јавен интерес и обврска кон идните генерации.
