Во одговор на дополнително прашање што доколку ЕУ не попушти и не се реши проблемот, премиерот рече дека Европската Унија си има Шенген-механизам до кој се држи, а она што ние го бараме е да се најде варијанта како да им се излезе во пресрет на транспортерите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во обид да се изнајде решение за механизмот на ЕУ за престој во земјите од Шенген-зоната, што ги извади на протест македонските камионски превозници и нивните колеги од Западен Балкан.

Мицкоски е оптимист дека проблемот со камионските превозници ќе се надмине. Тој, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека ова прашање е отворено уште од септември со Европската комисија и дека за разговорите е задолжен министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, исто како што со ЕК досега се разговарало и за други проекти во интерес на на граѓаните.
Премиерот очекува телефонски да разговара со Фон дер Лајен наредните денови, откако таа ќе се врати од службеното патување во Индија.
„Очекувам, барем според тоа што е последна најава, ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија. Таа е службено отсутна и се наоѓа во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме оваа тема на маса, така што тоа е“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Гази Баба, каде што присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во населеното место Железара.
Во одговор на дополнително прашање што доколку ЕУ не попушти и не се реши проблемот, премиерот рече дека Европската Унија си има Шенген-механизам до кој се држи, а она што ние го бараме е да се најде варијанта како да им се излезе во пресрет на транспортерите.
Камионските превозници од Македонија, заедно со нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина втор ден ги блокираат граничните премини кон ЕУ. Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната ЕЕС и правилото 90/180 дена, кое, според нив, ја парализира нивната работа.
Протестот, според најавите, е планирано да трае седум дена. Блокирани се само терминалите за товарен превоз, додека патничкиот сообраќај се одвива непречено.
Камионските превозници се револтирани од правилата на ЕЕС бидејќи, според нив, тие се третираат како туристи и дозволен им е престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, вчера на седницата на претставувањето на приоритетите на кипарското претседателство, побара од амбасадорот на Кипар за земјата, Андреас Фотиу, да го стави на дневен ред во Брисел протестот на камионџиите. Како што наведе тој, еврокомесарката за проширување Марта Кос има потпишано меморандум за побрз и непречен транспорт со земјите од Западен Балкан, а кој е во склад со политиката на ЕУ за планот за раст.
Министерот за транспорт Александар Николоски, кој вчера на граничниот премин „Блаце“ даде поддршка на протестот на превозниците, рече дека ова предупредување доаѓа навреме и порача месеците февруари и март максимално да се искористат за земјите членки на Шенген-зоната да изнајдат решение за проблемот.
Од она што засега доаѓа од Брисел е дека ја следат ситуацијата, но остануваат на ставот дека правилата не се нови. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, вели дека системот за влез-излез само обезбедува подобра контрола на постојните правила.
„Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела“,
изјави Ламерт.
