Според него, доколку постои политичка волја, доколку се цени стопанскиот интерес и доколку има добра координација во рамките на кипарското претседателство со земјите членки и со ЕК, можни се корисни решенија за овој предизвик

Проблемот со транспортерите и блокадите на границите кон ЕУ беа во фокусот на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања, на која беа претставени приоритетите на кипарското претседателство со Унијата.
Претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, упати барање до амбасадорот на Кипар, Андреас Фотиу, темата за пречките со кои се соочуваат превозниците од Западен Балкан да биде ставена на дневен ред во Брисел.
Милошоски рече дека комесарката Марта Кос има потпишано меморандум за побрз и непречен транспорт со земјите од Западен Балкан, а кој е во склад со политиката на ЕУ за планот за раст. Целта е, рече Милошоски, како да се создаде со секои поминати месец и година поголема интеграција на пазарот на земјите од Западен Балкан и негово посилно интегрирање во пазарот на ЕУ.
Тој истакна дека потпишаниот меморандум од Кос особено се однесува на т.н. „зелени ленти“ за побрз транспорт и побрзо движење на превозниците и оти тоа покажува дека со овој документ самата ЕК потенцира оти овој сектор на превозници како битен сегмент од регионалното стопанство, но и битен сегмент од стопанството и на ЕУ, има статус на посебна категорија.
„Ако ние може да имаме заедничка и надворешна безбедносна политика усогласена со ЕУ, тогаш можеме да имаме и заедничка транспортна политика усогласена со ЕУ, а во корист на стопанството на земјите од Западен Балкан“,
рече Милошоски.
Според него, доколку постои политичка волја, доколку се цени стопанскиот интерес и доколку има добра координација во рамките на кипарското претседателство со земјите членки и со ЕК, можни се корисни решенија за овој предизвик.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, се согласи дека ограничувањето на движењето на нашите превозници со воведувањето на новиот електронски систем од ЕУ директно ќе го почувствуваат нашите граѓани и економијата. Тој притоа изрази загриженост за, како што рече, „ситуацијата во земјата за немањето никаков прогрес на европскиот пат“. Оцени и дека геополитичката ситуацијата во светот драстично е сменета, а напред кон Европа во едни други околности одат Украина, Молдавија.
Тој смета дека проблемот е во немањето политичка волја да се спроведат уставните измени, кои, според него, „се очигледно единствениот начин да се продолжат преговорите“.
Покрај најавите на Владата дека нешто ќе се репреговара, ќе се менува, очигледно дека тоа не се случува, вели Филипче, според кого, ова е едно намерно запирање на европскиот пат на земјата притоа упатувајќи забелешка и за, како што вели, неспроведување на реформската агенда оти од законите што требало да се донесат лани се донел само еден.
Потпретседателката на Националниот совет за евроинтеграции, Марија Петрушевска, истакна дека транспортерите се сочуваат со посеризен проблем кој ќе влијае не само овде и во земјите од Западен Балкан туку и во ЕУ.
„Потребно е помалку бирократија, а повеќе решенија и затоа во таа насока и јас се приклучувам кон апелот до кипарскиот амбасадор. Потребна ни е акција за оваа политика, која нè засега токму сите“,
рече Петрушевска.
Пратеникот Халил Снопче, пак, осврнувајќи се на приоритетите на кипарското претседателство, истакна дека е од особена важност што еден од приоритетите е унапредување на процесот на проширување на ЕУ, притоа, посочи, да не се заборави фокусот на владеењето на правото и на реформите во оваа област.
