Според него, постојат три можни решенија, од кои првото е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција на превозниците, а второто е да се зголеми бројот на денови што превозниците можат да ги поминуваат во Шенген-зоната, најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци, што може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска на граничниот премин „Блаце“ им даде поддршка на транспортерите што заедно со нивните колеги од Западен Балкан почнаа со седумдневни блокади, барајќи решение за одлуката на Европската комисија, со која од април годинава се воспоставува електронска евиденција и се ограничува престојот во Шенген-зоната од 90 до 180 дена и за професионалните возачи.

„Би сакал да искажам поддршка на овој протест на превозниците. Овој протест е предупредувачки, на кој сакаат да покажат што ќе се случува од април, па натака. Сметам дека ова предупредување доаѓа навреме и месеците февруари и март треба максимално да се искористат и земјите членки на Шенген-зоната да изнајдат решение“,
рече тој.
Според него, постојат три можни решенија, од кои првото е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција на превозниците, а второто е да се зголеми бројот на денови што превозниците можат да ги поминуваат во Шенген-зоната, најмалце на 250 денови, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180.
„Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што тоа го прави само Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит низ земјите од Шенген-зоната“,
кажа Николоски.
Во спротивно, според него, ќе има сериозни последици, не само за македонската и регионалната, туку и за европската економија.
„Најголемиот дел од странските инвестиции во Македонија, како и во целиот регион, доаѓаат токму од земјите членки на Шенген-зоната и Европската Унија. Овде најчесто се произведуваат полупроизводи што потоа се извезуваат во земјите од кои доаѓаат инвеститорите, каде се доработуваат и стануваат финални производи. Да не заборавиме за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и што се извезува кон север. Да не го заборавиме ниту главниот трговски Коридор на Централна и Југоисточна Европа – Коридорот 10, кој претставува економски крвоток на целиот регион. Затоа апелирам и замолувам уште еднаш внимателно да се размисли и да се разгледа ова прашање“,
рече министерот.
Како што додаде, на претставници на Европската комисија изминатата година се обидувале да им ги предочат овие работи, но не наишле на доволно слух.
Николоски разговарал со министерот за транспорт на Грција и ќе направи обиди да разговара и со Бугарија, а в среда заминува за Загреб, со цел да се сретне со неговиот хрватски колега.
„Станува збор за земји што се членки на Шенген-зоната, директни и индиректни соседи што би можеле да извршат дополнителен притисок за изнаоѓање решение“,
рече министерот.
Професионалните возачи не се туристи, ниту мигранти – велат превозниците
Од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“ се надеваат дека ќе наидат на разбирање од страна на европските држави.
„Се блокира зашто од 10 април ќе започне електронско сметање на времето за престој во Шенген-зоната. Тоа се 90 до 180 дена или три до шест месеци. Ова правило кога започна да важи пред 17 години се однесуваше само на пет-шест држави од Шенген-зоната. Нивниот број се зголемуваше, а од минатата година имаме 29 држави. Тоа значи дека со секое излегување од државата влегуваме во Шенген-просторот. Професијата професионален возач значи дека лицето не е турист, не е мигрант, туку е лице вработено во сопствената држава, а возилото е регистрирано во сопствената држава. ЕУ на овој начин сака да нè запре да работиме“,
рече Билјана Муратовска од „Макам-транс“, потсетувајќи дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.
Според неа, ова е огромна дискриминација кон патниот превоз, затоа што со постојната регулатива Европската Унија го ослободила од броење денови за престој секој друг вид превоз, како бродскиот, железничкиот и јавниот превоз.
На прашањето што доколку нема никаков одговор од ЕУ, односно дали во тој случај блокадите кои се предвидени да траат седум дена, ќе продолжат, Муратовска одговори дека тие не може да стојат со месеци, ниту, пак, целта е да се нанесе штета на производителите, трговците или на граѓаните.
„Тогаш ќе се бараат други алтернативни рамки“,
вели таа.
Блокадата, како што нагласи, е сигнал, порака, што може да се случи доколку ЕУ не отстапи од правилата што сега се во сила.
„А во април, ако не ни одобрат, нема да мора да протестираме, камионите ќе стојат, нема да има кој да ги вози, дури тогаш ќе видат што значи ова“,
кажа Муратовска.
Инаку, освен во Македонија, транспортерите протестираат и во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
Според најавата на македонските транспортни превозници, затворени за товарен сообраќај ќе бидат граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“ и „Блато“, а преминот „Табановце“ ќе биде затворен од српска страна.
