Во пресрет на протестот в среда во Скопје, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, објаснува зошто бараат зголемување на минималната плата од 397 на 600 евра и на сите други плати по сто евра

Зголемување од 12 000 денари нето е нешто што работниците го побараа од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на последната анкета која ја спроведовме во декември на примерок од 1 600 испитаници, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за нивното барање минималната плата да се зголеми за 200 евра, односно од сегашните 397 на 600 евра. Тој вели дека знаат оти актуелната влада обожава анкети и дека целокупната политика се води исклучиво по нив, па затоа и тие се одлучиле за ваков пристап, при што дури 99,5 отсто од испитаниците одговориле дека доколку минималната плата не се зголеми на 600 евра, тие се подготвени да дадат поддршка на протести и организирање генерален штрајк.
Трендафилов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека се обиделе преку Економско-социјалниот совет да укажат за овие трендови кај надлежните, но од претставниците на власта и на работодавачите наишле на потсмев со образложение дека нивната анализа не била изготвена врз основа на релевантни податоци и институции.
„Добивката што му ја создава работникот на работодавачот во просек изнесува помеѓу пет и десет илјади евра. Тоа за нив беше нерелевантен податок од Народна банка. Потоа, изговорите кои ги имаа и Владата и работодавачите ни кажуваа како што и пред 2022 година ни кажуваа дека ако се зголемеле платите, ќе се затвореле компаниите. Обезбедивме податок од Централниот регистар од 2022 година какво било движењето на затворени и новоотворени компании – па замислете, на една затворена компанија две нови се отворале, односно бизнис-климата, деловниот потфат на компаниите се развивал двојно повеќе отколку пред тогашното зголемување на минималната плата“,
кажа тој.
Дополнително, им било кажувано дека работодавачите ќе отпуштат огромен број вработени доколку минималната плата се зголеми на 500 евра до декември минатата година или, пак, на 600 евра, но, како што вели тој, за нивна среќа, но и за жал на работодавачите и Владата, е податокот дека има 705 000 работници согласно Државниот завод за статистика, што пак е зголемување за 15 до 20 илјади работници во период од три години.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија вели и оти Законот за минималната плата во 2022 година бил променет на ист начин, односно со протести и штрајкови, бидејќи и тогашната Влада имала игнорантен однос кон работниците, токму како и актуелната. Тогашната опозиција а сегашна власт, вели Трендафилов, дала огромна поддршка на ССМ, со тоа што рамо до рамо со нивни пратеници и симпатизери протестирале пред институциите.
„И успеавме преку протести и штрајкови – не знам дали се сеќавате, меѓутоа пред Стопанската комора тогаш донесовме одлука за генерален штрајк и заминавме на седница на Економско-социјалниот совет каде што очекувавме да подадат рака и работодавачите и Владата за подобрување на работничкиот стандард и успеавме да се избориме за околу 3 000 денари зголемување на минималната плата во тој период“,
вели Трендафилов.
Доколку тогаш се почитувала методологијата, вели првиот човек на ССМ, минималната плата денес би изнесувала околу 19 500 денари, што е за 5 000 денари помалку од сегашната вредност.
ССМ в среда од 17 часот во Скопје организира протест на кој ќе го повторат барањето за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.
