Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, одговара на прашања за следните чекори по протестот в среда, од кој ќе го повторат барањето за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати по сто евра

360°: Г. Трендафилов, што ако протестот не даде резултат?
Трендафилов: Тоа го кажав и претходно, ќе го повторам и сега. Еден работник да излезе со мене в среда на улица, Сојузот на синдикати на Македонија ќе ја даде целосната поддршка. Ако тој еден работник ги повика членовите на неговото семејство и ги повика неговите колешки и колеги со кои секој ден оди на работа и зборува, патем, како платата е ниска, како не стигнува од први до први, како фрижидерот му е празен, како не може да ги плати сметките, како не може да ги плати кредитите кои ги има најчесто заради тоа што платата му доцни, и ако сите ние го направиме тоа, тогаш на улица ќе дојде поприлично голем број луѓе кои ќе бараат зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Оваа влада покажа дека смета дека само на Слободан лично му е потребно зголемување на платата и дека само Сојузот на синдикати на Македонија бара зголемување на платите затоа што овие другите молчат. Но, ние како организација сме тука за тоа после среда да блокираме, после среда дури и да организираме генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор за да го оствариме барањето.
360°: Што мислите под блокирање?
Трендафилов: Работничкото незадоволство можеме да го изразиме на разноразни начини. Еве, ќе ви кажам еден пример – во 2022 година Сојузот на синдикати на Македонија блокираше клучни раскрсници во Скопје за да им оневозможи на функционерите да дојдат на нивните работни места, иако тие не доаѓаат толку често на нивните работни места, за да се почувствуваат и тие блокирани како што работниците се блокирани цела измината година.
360°: И сега, следниот чекор ќе биде тоа?
Трендафилов: Не тоа исто, туку ќе блокираме конкретни институции каде што најмногу се напаѓаат работниците и работничките права, за да почувствуваат оние што се избрани и именувани да раководат со нив дека тоа што го прават е нечовечки.
360°: Која ќе биде прва институција?
Трендафилов: Не можам да ви кажам денеска затоа што в среда ќе се донесе и таква одлука. Но, можам да ви кажам дека денеска, на пример, министерот за култура, за неговите колешки и довчерашни колеги, наместо да им ја зголеми платата за 8%, да им даде 5% зголемување на платите под изговор, па да добие 850 тужби од кои 50 веќе се во корист на работниците.

360°: Под кои околности би се случил генерален штрајк?
Трендафилов: Сојузот на синдикати на Македонија е репрезентативен синдикат и во јавниот и во приватниот сектор и согласно закон може да донесе одлука на највисоките органи и тела за отпочнување, поведување и повикување на генерален штрајк во државата заради остварување на економските и социјалните права на работниците, вклучително и зголемување на работничката плата. Ако македонските работници се најсиромашни и власта обожава да владее со сиромашни работници, ние како синдикат нема да го дозволиме тоа. Работниците нè повикуваат, како што го гледаат тоа на телевизија во Грција, во Белгија, во Франција, во Германија, кога се организира 24-часовен генерален штрајк, на секој еден работник му се дава можност да не оди на работа, да не трпи никакви притисоци од работодавачот, да не ги извршува своите работни обврски, да не биде ниту казнет за тоа, а да ни се придружи на улица за да го изразиме револтот. Денеска организираме протест по работно време за да можат што е можно поголем број работници да ни се придружат, но тогаш ќе го парализираме целокупното општество и на таков начин мислам дека ќе упатиме сериозна порака дека состојбата во Македонија не е сјајна како што ја гледаат со розови очила функционерите.
360°: Ако ништо не се смени, во каков временски рок би требало да очекуваме генерален штрајк?
Трендафилов: Се разбира дека во најбрзо време органите и телата на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе донесат одлуки. Ние донесовме одлуки и на крајот на минатата година како ќе постапуваме и чекорите кои ги преземаме сега се врз основа на тие одлуки. Тоа што ние го одлучивме, а го најавивме на претходната прес-конференција е дека сега организираме протест на кој ги повикуваме сите работници кои имаат ниски плати и кои мислат дека треба да им се зголемат платите, да ни се придружат. Јасно ни е дека голем број работници ќе се плашат, затоа протестот го организираме во 17 часот. Нека стават шалче, капче, нека облечат потопла облека, нека дојдат во темницата со работниците затоа што никој нема да може да ги препознае. Тоа што работниците се загрижени е тоа што овие одбиваат да ги зголемат работничките плати и затоа бараат од нас да продолжиме не само со еден протест и да завршиме тука – ќе кажеме што мислиме дека треба да кажеме и ќе завршиме – туку да продолжиме со таргетирани блокади на одредени институции, на одредени локации за да го почувствуваат револтот. И третиот чекор кој ќе го направиме е поведување и повикување на генерален штрајк, ќе дадеме шанса на сите оние кои бараат од ССМ да ги повика. Во Грција, во Белгија, во Франција, кога синдикатите повикуваат, работниците доаѓаат затоа што и покажуваат таму на владата дека не се задоволни од моменталната состојба. Очекуваме тоа да се случи и во Македонија. И како четврти чекор кој го најавивме на претходната прес-конференција е да собереме 10 000 потписи, да станеме овластен предлагач на закони, како што се пратениците, да не им се молиме за милост тие да поднесат предлог во Собранието и да се одлучува за две работи: намалување на функционерските плати за 78-80% и следствено на тоа да се зголемат платите на работниците на 600 евра минимална плата и за 100 евра најмалку зголемување на останатите работнички плати. Па да бираат дали ќе биде побитна нивната плата или ќе биде битна платата на работниците токму оние кои ги гласаат.
360°: Ова со собирањето потписи за предлог-закон е последен чекор или ќе биде меѓучекор?
Трендафилов: Ова е последен чекор затоа што мораме да видиме дека имаат искрени намери. Досега не покажале дека имаат искрени намери. Тој чекор е последен затоа што тие треба да покажат дека се тука да му служат на народот, на граѓаните и на работниците, а не самите на себе.
