Сељами се заблагодари за укажаната доверба и рече дека ќе работи професионално, непристрасно и со највисока посветеност кон граѓаните, со почитување на Уставот и на законите. Во негов фокус, како што рече, ќе биде враќањето на довербата во институцијата народен правобранител
Новоизбраниот народен правобранител Фатон Сељами денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод стапувањето на функцијата. Тој беше избран за нов омбудсман на собраниската седница во петокот со 89 гласа „за“ и шест „против“.

Сељами се заблагодари за укажаната доверба и рече дека ќе работи професионално, непристрасно и со највисока посветеност кон граѓаните, со почитување на Уставот и на законите. Во негов фокус, како што рече, ќе биде враќањето на довербата во институцијата народен правобранител.
„Во тој правец ќе работиме со сите релевантни фактори, со Собранието и со Владата за прво да се направи кадровска екипираност на институцијата народен правобранител. Институцијата е кадровски е преполовена, а не очекува избор на осум заменици на народниот правобранител. Имам информација дека постои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, кој ќе треба да го видиме уште еднаш со стручните служби и во соработка со Собранието во најбрз рок да ги поминеме тие законски измени“,
рече Сељами во изјава за медиумите по давањето свечена изјава.
Одговарајќи на новинарско прашање дали институцијата народен правобранител се соочувала со немање слух кај другите институции и како ќе се справи со тоа, Сељами рече дека тоа е предвидено во измените на Законот за народен правобранител односно, како што рече, да има можност да изрекува и прекршоци.
Фатон Сељами е дипломиран правник и магистер по правни науки, со положени правосуден и нотарски испит. Тој доаѓа на местото на Насер Зибери кој на 12 јули лани го заврши мандатот како народен правобранител поради исполнување услови за пензионирање. Мандатот на омбудсманот трае осум години, со можност за еден реизбор.
