Првично за јануари беа закажани две, но рочиштето што требаше да се одржи на 14 јануари беше одложено бидејќи адвокатата Сузана Јошевска-Анастасовска, која го бранеше обвинетиот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, беше избрана за членка на Судскиот совет
Со искази на петмина сведоци на Обвинителството денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март лани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Ова е прво рочиште од почетокот на оваа година.
Според најавите, на клупата за сведоци треба да застанат роднина на загинат и лица кои биле гости во „Пулс“ критичната ноќ.

Првично за јануари беа закажани две, но рочиштето што требаше да се одржи на 14 јануари беше одложено бидејќи адвокатата Сузана Јошевска-Анастасовска, која го бранеше обвинетиот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, беше избрана за членка на Судскиот совет.
Поради ова Судот даде време новиот бранител што ќе го ангажира Џафероски да се запознае со предметот.
На претходното рочиште, кое се одржа на 29 декември лани, пред Судот искази дадоа родители на загинати млади во трагичниот пожар. Во траорните сведоштва тие во детали раскажаа што се случувало критичната ноќ. Како дознале за пожарот и веднаш тргнале кон „Пулс“ да ги бараат своите најмили, кои не им одговарале на мобилните телефони. Дел ги нашле на самото место, а дел во болница – починати.
„Второто дете што ми го подадоа од влезот на ‘Пулс‘ беше ќерка ми Надица. Очињата ѝ беа отворени, изгледаше како да е жива“,
кажа Габриела Наунова во своето сведочење.
Таа раскажа како со раце почнала да еден од ѕидовите на објектот бидејќи го знаела распоредот. На рочиштето дојде и до жесток вербален судир меѓу родители на загинати и обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев, откако тој рече дека и родителите треба да се на обвинителна клупа бидејќи ги пуштиле своите малолетни деца во дискотека. Наунова, меѓу другото, рече дека во последните две години била редовен гостин во „Пулс“ и оти во него доаѓале полициски инспектори, градежни инспектори, градоначалници и други функционери. Тензиите продолжија и по завршувањето на рочиштето, кога дел од родителите вербално го нападнаа обвинетиот инспектор додека си заминуваше.
На последниот „Марш за ангелите“ што се одржа во саботата во Кочани, родителите на загинатите во „Пулс“ им одадоа поддршка на лицата против кои синот на сопственикот на „Пулс“ поднесе тужба поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во градот, еден ден по трагичниот пожар.
Тој бара од тужените отштета од 1,2 милиони денари или околу 20 000 евра. Тие прашаа како може лице кое се поврзува со „Пулс“ како осомничен да отуѓува имот без судско одобрение и зошто нема исход од истрагата против осомничените полицајци.
По Маршот реагираше адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, кои се првообвинети во случајот. Таа побара од сите надлежни институции да реагираат бидејќи семејствата на загинатите го злоупотребиле нејзиниот лик на протестот.
Имено, родители и блиски на загинатите во пожарот на протестот носеа транспаренти на кои беше прикажана таа како со куфери со пари е во светот на покојните, а до неа стои митска персонификација на ѓавол или ангел на смртта, кој според написот на транспарентот ѝ вели:
„Пари овде не ти се потребни“.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
