Два смртни случаи се припишуваат на хипотермија во Луизијана, а останатите смртни случаи поврзани со бурата се пријавени во сојузните држави Тексас, Тенеси и Канзас
Најмалку седум лица загинаа во големата зимска бура што ги зафати претежно јужните и источните делови на Соединетите Американски Држави. Најмалку два смртни случаи се припишуваат на хипотермија во Луизијана, а останатите смртни случаи поврзани со бурата се пријавени во сојузните држави Тексас, Тенеси и Канзас.

Како последица на временските услови, повеќе од 900 000 домаќинства се без електрична енергија.
Неколку големи аеродроми во Вашингтон, Филаделфија и Њујорк се практично во застој, повеќе од 16 000 летови низ САД се откажани, а илјадници други се одложени. Меѓу поголемите градови каде што се случија откажувања и доцнења на летови се Атланта, Бостон, Чикаго, Далас, Детроит, Хјустон, Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Речиси половина од државите во САД прогласија вонредна состојба, а училиштата низ целата земја ги откажуваат часовите во очекување на бурата што ќе продолжи денеска. Прогласувајќи вонредна состојба во главниот град на земјата, градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, рече:
„Овој викенд во Вашингтон ја доживуваме најголемата снежна бура во последните десет години.“
Според експертите, снежната бура е резултат на поларниот вртеж – прстен од силни ветрови што се формира над Арктикот секоја зима. Кога тие ветрови слабеат, вртежот се спушта кон југ, носејќи ладен воздух кон САД. Се верува дека зголемената фреквенција на поларните бранови би можела да биде поврзана со климатските промени.
