Причината за најавените блокади е незадоволството на транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена
Од денеска напладне превозниците со камиони ќе ги блокираат за товарен сообраќај граничните премини во државата. Освен македонските, блокада на граничните премини кои водат до Шенген-зоната најавија и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Причината за најавените блокади е незадоволството на транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
Според најавата на македонските транспортни превозници, затворени за товарен сообраќај ќе бидат граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“ и „Блато“, а преминот „Табановце“ ќе биде затворен од српска страна.
Предвидено е протестите на превозниците да траат седум дена, со можност да бидат прекинати ако се изнајде решение за проблемот. Превозниците се надеваат дека ќе успеат да ги натераат инвеститорите од земјите членки од ЕУ кои имаат свој капитал во државите од Западен Балкан, да излобираат во нивните матични земји за промена на правилата за престој на транспортерите.
Во текот на протестот нема да има прекин, односно блокада на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
