Во отворено писмо до работниците и граѓаните првиот синдикалец ги критикува „власта и газдите“, кои како што вели, со мизерни плати ги бркаат работниците од својата земја и сакаат да ги заменат со ефтина работна сила од странство. На едните, вели, им е важно за ниски плати да им се создава капиталот, а на другите да владеат со сиромашен народ кој ќе ги гласа на избори
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов денеска преку отворено писмо им се обрати на работниците, порачувајќи дека ако тие не излезат на протестот закажан за в среда, нема кој друг да се избори за повисоки плати и подостоинствен живот.

Посочувајќи дека писмото не е повик за протестот, оти секој засегнат самиот треба да се покани да излезе и да ги бара свои права, првиот синдикалец вели дека во случајот не станува збор за избор или удобност, туку за егзистенцијална борба.
„28 јануари е денот кога зборуваат работниците! Овој протест не е за ‘ако имаш време’ па ќе дојдеш, не е ниту за ,’чекај сега, кај најдоа да протестираат во 17 часот., ќе биде темно и ладно, може и ќе врне, може друг ќе протестира па ќе завршат работа”. Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први, а кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно со тебе“,
наведува претседателот на ССМ.
Во него тој ги критикува „власта и газдите“, кои како што вели, со мизерни плати ги бркаат работниците од својата земја и сакаат да ги заменат со ефтина работна сила од странство. На едните, вели, им е важно за ниски плати да им се создава капиталот, а на другите да владеат со сиромашен народ кој ќе ги гласа на избори.
„Ако имате пристојна плата и пристојна работа нема да мислите ниту на едните ниту на другите. Овој протест е против неправдата, против неправдата тие да имаат, а вие да немате, неправдата која значи 250 евра зголемени плати за нив и 78 % зголемени плати на нив (избраните и именуваните), 250 евра зголемена плата на истите тие на кои Вие им ја давате моќта и платата, а тие не водат грижа за Вас и Вашите семејства“,
наведува првиот синдикалец.
Според Трендафилов во моментот во Македонија повеќе од 200 000 работници кои имаат плата под 31 200 денари и живеат под прагот на сиромаштија, додека Владата одбива да ја зголеми минималната плата и не планира да ги зголеми платите во јавниот секторот – на војската, полицијата, управата, правосудството, културата, додека во здравството и образованието е подготвена само минимално да ги усогласи.
Во истовреме, како што додава тој, власта планира да ги зголеми палтите на функционерите за 10 отсто, односно од 200 до 300 евра.
„Овој протест е затоа што тие сметаат дека Вас не ви е потребно зголемување на Вашата плата, затоа што не барате, затоа што ако не барате, тие мислат дека Ви е доста. Овој протест е за сите кои се плашат, им се закануваат и ги омаловажуваат затоа што сами не можат да се изборат против своите работодавачи за зголемување на нивната плата“,
наведува Трендафилов.

Додава дека протестот в среда е и за оние кои ги напаѓаат, а не се функционери, затоа што, како што посочува, со борбата што почнува и тие ќе добијат зголемена плата и повисока пензија.
„Нема на кого да му се плашите, на 28 јануари во 17 часот., придружете ни се, облечете се топло, капа, шал и во темницата застанете со работниците. Ова не е покана за протест, секој сам треба да се покани, секој сам треба да го покани своето семејство, своите колешки и колеги, затоа што со седење дома давате аргументи и сила на тие што одбиваат да Ви ја зголемат платата“,
вели претседателот на ССМ.
Порачува дека протестот в среда е само почеток доколку не биде прифатено нивното барање за зголемување на платите и доколку се продолжи со газањето на достоинството на работниците.
Трендафилов потсетува дека главната цел на протестот е зголемување на работничките плати за најмалку 6 000 денари, а преку зголемување на минималната плата на 600 евра.
Протестот започнува во 17 часот пред Работничкиот дом, односно зградата на ССМ, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред зградата на Владата.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните“,
вели Трендафилов на крајот од отвореното писмо.
