За ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче. Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси, велат од владејачката партија по воведниот говор на лидерот на СДСМ на партискиот Конгрес денеска

Во обраќањето на партискиот Конгрес, лидерот Венко Филипче не објасни зошто СДСМ е петта партија во Скопје, а трета во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакција по неговиот говор.
„Не се огради ниту кажа лош збор за неговиот ментор Зоран Заев. Не се огради и го штитеше криминалот на кланот Дубаи чиј што составен дел е самиот тој. Не објасни зошто СДС сервираше услуги кон Бугарија и Грција, го наметна францускиот предлог, склучи штетен договор со Бугарија. Не објасни зошто ги напаѓаат САД, се во политичка војна со Обединетото Кралство. Зошто остана осамен со неуспешниот дипломат Андреј Жерновски кој јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија. Зошто денес СДС не преставува никаква алтернатива. Зошто не му смета што СДС стана помал чирак на ДУИ во криминалот. Не се огради од Артан Груби и неговиот криминал во Лотарија…“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму оценуваат дека за нив нема подобро решение за ВМРО-ДПМНЕ од Венко Филипче.
„Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“,
велат оттаму.
Венко Филипче во воведното обраќање на 31. Конгрес на СДСМ денеска кажа дека СДСМ излегува на терен и ја обвини владејачката партија се обидува да прави раздор меѓу социјалдемократите. Кажа и дека власта во последните две години донела брутално отрезнување, дека ветиле гордост, а го донеле народот до питачки стап, дека ветиле реформи, а направиле грабеж од епски размери. Тој тврди дека премиерот не смее да стави потпис на ниту една одлука без одобрение од неговите „газди“.
„Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, мислеа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно“,
порача Филипче.
