Очекувам дебата, да се јават делегатите за дискусија. Сметам дека Конгресот е вистинскиот форум за дискусија и за критики. Не очекувам тензии, но очекувам вистински реални критики, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во изјава за „Дојче Веле“

Од 11 часот, опозицискиот СДСМ денеска го одржува 31. Конгрес во хотелот „Александар Палас” во Скопје.
Конгресот ќе има отворен и работен дел. По отворениот дел најавено е обраќање на претседателот на СДСМ Венко Филипче, по што ќе следи работниот, затворен дел.
Од партијата изминатиов период најавуваа дека ќе се разговара за изборниот резултат и за заклучоците кои треба да ги извлечаат од тоа.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој е под канонада од критики од поранешни влијателни партиски членови, во изјава за „Дојче Веле“ кажа дека не очекува тензиите да се прелеат и на денешниот партиски собир.
„Очекувам дебата, да се јават делегатите за дискусија. Сметам дека Конгресот е вистинскиот форум за дискусија и за критики. Не очекувам тензии но очекувам вистински реални критики“,
вели Филипче и најавува поголема активност на партијата.
Конгресот доаѓа во период на вжештена внатрепартиска атмосфера, но главните критичари, Петре Шилегов и Јован Деспотовски, не се меѓу 740 делегати кои се поканети на конгресот. Поранешниот градоначалник на Скопје и член на СДСМ, Петре Шилегов, обвини дека не се испочитувани процедурите за свикување на истиот.
Неделава во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма, тој посочи дека до делегатите на конгресот и до општинските организации не биле доставени конгресни материјали, предлог-заклучоци и предлог политички одлуки кои треба да се разгледуваат и усвојат.
Како ќе се разговара за причините и мерките ако не е доставен извештај за изборниот пораз, праша тој, критикувајќи го раководството на СДСМ за монопoлизирање на носењето одлуки, што, како што кажа, е причина за поларизација во партијата.
Против актуелното раководство на партијата е и поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски, а по неколку јавни настапи, од „Бихаќка“ соопштија дека до надлежните партиски органи, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ, ќе достави барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата.
Од „Бихаќка“, и Шилегов и Деспотовски ги нарекоа двајца квислинзи кои се обидуваат да предизвикаат поделби во партијата.
Верувам дека ќе имаме успешен конгрес на партијата на кој ќе дојдат мнозинството од делегатите. Ова е коментарот на потпретседателката и пратеничка на опозицискиот СДСМ, Јованка Тренчевска, на информациите што доаѓаат од одредени кругови дека раководството на партијата е пред предизвик да обезбеди успешност на Конгресот бидејќи има одредени кругови во партијата што работат да одвратат дел од делегатите.
