Во објавата на Фејсбук, министерот за внатрешни работи упати посебна благодарност до граѓаните кои, како што рече, во тест-периодот на системот „Безбеден град“ покажале дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски им заблагодари на сите пратеници кои денеска во Собранието ги поддржаа измените на Законот за прекршоци, чие усвојување беше неопходно за системот „Безбеден град“ да профункционира од 1 февруари. Кога постои политичка храброст и одговорност, вели Тошковски во објава на Фејсбук, може да се носат одлуки што директно го штитат животот на граѓаните.

„Со оваа одлука, Собранието испрати силна порака дека државата конечно презема системски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислените загуби на човечки животи“,
вели Тошковски во фејсбук-објавата.
Министерот во оваа прилика ги искритикува СДСМ и ДУИ, кои не ги поддржаа измените на Законот за прекршоци, обвинувајќи дека двете опозициски партии ги ставаат партиските калкулации над човечките животи.
„Иако никогаш немаа храброст јавно да ја признаат својата коалиција, денес таа повторно излезе на површина преку заедничкото гласање против систем кој веќе дава резултати и спасува животи. Овојпат не се одлучуваше за функции, договори или политички пазари, туку за безбедноста на граѓаните, а тие наместо да направат чекор напред, свесно избраа да останат заробени во истите шеми, влечејќи ја државата назад. Имаа шанса да бидат дел од решението, но избраа да бидат дел од проблемот“,
вели Тошковски.
Во објавата на Фејсбук, министерот упати посебна благодарност до граѓаните кои, како што рече, во тест-периодот на системот „Безбеден град“ покажале дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со почитување на правилата и со зголемена свесност, додава Тошковски, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и намалување на сообраќајните несреќи, повредените и жртвите.
