Одлуката Фатон Сељами да биде избран за народен правобранител на местото на Насер Зибер, кој замина во пензија, беше донесена од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата уште во јули минатата година. Но, тој не можеше да биде изгласан затоа што немаше доволен број пратеници за гласање по Бадентер

Фатон Сељами денеска беше избран за нов народен правобранител. На денешната собраниска седница, „за“ изборот на Сељами гласаа 89 пратеници, а шестмина беа „против“. Од пратениците што припаѓаат на заедници кои не се мнозинство, 28 пратеници беа „за“, а осум гласаа „против“.
Пред гласањето, спикерот Африм Гаши отвори расправа доколку предлагачот на одлуката и пратениците сакаат да говорат. Но, бидејќи никој не се јави за збор, предлог-одлуката беше ставена на гласање.
Одлуката Фатон Сељами да биде избран за народен правобранител на местото на Насер Зибер, кој замина во пензија, беше донесена од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата уште во јули минатата година.
Но, тој не можеше да биде изгласан затоа што немаше доволен број пратеници за гласање по Бадентер.
Претседателот на Собранието Гаши пред крајот на минатата година упати апел до сите политички партии итно да изнајдат политичка волја за избор на народен правобранител, нагласувајќи дека е недозволиво оваа клучна институција толку долго да биде без прв човек.
Тој појасни дека процедурата е заглавена поради немањето консензус за гласање по принципот на Бадентер, што е неопходно за избор на функцијата.
„Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат со народниот правобранител ако можеме да најдеме решение. Немаше некоја забелешка за тоа. Никој не беше против, само ќе треба да се разговара во меѓувреме. Се надевам дека набргу ќе дојдеме до решение“,
рече тој.
Согласно член 5 од Законот за Народен правобранител, тој се избира за време од осум години со право на уште еден избор. Согласно член 9 став 1 од Законот за Народниот правобранител, функцијата народен правобранител престанува кога тоа сам го бара, е избран или именуван на друга јавна функција или ги исполнува условите за старосна пензија.
Согласно член 6 став 1 од Законот за Народен правобранител, може да биде избрано лице за народен правобранител кое ги исполнува општите услови определени со закон за основање на работен однос – да е државјанин на Република Македонија, да е дипломиран правник кој има работно искуство над 9 години на правни работи и лице чија активност е докажана во областа на заштита на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата народен правобранител.
Предлагачот на Фатон Сељами, пратеникот Беким Ќоку од коалицијата ВЛЕН, изложувајќи ја биографијата пред членовите на Комисијата, посочи дека Сељами е од Тетово, оженет и татко на три деца, дека има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Тој нагласи дека Сељами имал долго работно искуство во областа на одбраната и промовирањето на човековите права. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
