Помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, вели дека ова би се случило само откако ќе биде склучен мировен договор меѓу Русија и Украина

Рускиот претседател Владимир Путин на синоќешната средба со специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер разговарал за можноста за донирање на една милијарда долари на Одборот за мир на претседателот Доналд Трамп. Условот што го поставил Путин е само ако некои руски средства бидат одмрзнати од САД, пишува Си-ен-ен.
„За време на размената на мислења за Одборот за мир, беше нагласена нашата подготвеност да насочиме една милијарда долари во буџетот на оваа организација од руски средства замрзнати од претходната американска администрација“,
изјави за новинарите помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Остатокот од средствата од тие резерви, кои беа замрзнати по инвазијата на Москва во Украина во 2022 година, „може да се насочи кон реконструкција на териториите погодени за време на борбените операции“, рече Ушаков.
Тој додава дека ова би се случило само откако „ќе биде склучен мировен договор меѓу Русија и Украина“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Давос официјално го основа својот Одбор за мир, нарекувајќи го едно од најважните тела некогаш создадени и најавувајќи соработка со ОН, по стравувањата дека одборот ќе ја поткопа работата на светската организација.
Меѓу земјите чии претставници учествуваа на сцената, доминираа земјите од Блискиот Исток и Јужна Америка, со помал број европски и азиски земји.
Меѓу нив се Бахреин, Мароко, Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Унгарија, Индонезија, Јордан, Косово, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан и Монголија.
Околу 60 земји се поканети да се приклучат на управниот одбор, по цена од 1 милијарда долари по земја ако сакаат статус на постојан член.
