Министерката за образование, Весна Јаневска, во интервју за „360 степени“ вели дека не можеле да се наплатат долговите и покрај договорите и мениците. Според неа, државата е виновна што не им понудила опции на стипендистите по нивното завршување на студиите. Вели дека потребни се напори да се искористат тие луѓе, а не да им се наплатат парите
Почнувајќи од 2010 година Македонија потроши 38 милиони евра за стипендии на перспективни студенти од земјава кои успеале да се запишат на 100 најдобри универзитети во светот според Шангајската листа. Сите имаат потпишано договор и меница, дека ако не се вратат да работат во земјата неколку години откако ќе завршат, ќе треба да ги вратат парите и тоа во неколкукратно повисок износ. Од вкупниот број корисници, во земјата се вратиле само 20%, а никој нема вратено ниту денар
360°: Министерке, за 15 години Македонија потрошила околу 38,2 милиони евра за финансирање на стипендирање на 459 студенти на дипломски, постдипломски студии на топ 100 универзитетите на Шангајската листа. Е сега, идејата беше да се врати стекнатото знаење и да се кренат домашните стандарди. Од ресорот со којшто вие раководите ни одговорија дека 89 студенти се имаат вратено дома. Тоа практично би му дошло дека секој втор од 10 студенти се враќа дома. Па сега, кога ќе ги чуете овие бројки, би сакал да ве прашам дали сметате дека Македонија го добива она што го плаќа?
Јаневска: Пријавувањето и приемот на првите 100 универзитети од Шангајската листа е сон на секој што сака да стекне сериозно образование или евентуално да се занимава со наука. Како што кажавте, ние имаме пристоен број на студенти. Јас се извинувам, но морам да ве поправам – не сум сосема сигурна дека бројката е точна затоа што долги години наназад регистар не е воден и дел од овие студенти кои вие ги спомнувате сѐ уште се дообразуваат, не само на додипломски, постдипломски, туку и на докторски студии. Она што ние го сработивме кажува дека околу една третина од студентите се веќе вратени во земјата. Лично сметам дека знаењето и искуството, компетенциите, вештините што се стекнуваат на овие универзитети се од исклучително значење, не само за младите луѓе кои ќе стигнат таму, туку и за државата која ги испраќа. Не само затоа што тие се амбасадори на нашата земја и секогаш ќе бидат Македонци каде и да се наоѓаат, туку и за овој дел кој се вратил во земјата и може да придонесе за нејзин напредок во било која област или било кое поле на кое што тие студирале. Тоа се деца кои одбрале престижни факултети и универзитети и тие навистина можат да придонесат за земјата, макар да се и само една третина во неа.
360°: Бројките кои ги добивме беа од вашиот ресор, ние се водиме по тие бројки. Јасно е дека целта е благородна за овие студенти, нели, престиж е да се студира на овие универзитети, но сепак се плаќаат државни пари, пари од даночните обврзници во Македонија. Па оттаму прашањето, дали оваа програма е всушност само најскап државен проект за одлевање на најталентираните млади мозоци во странство? Бидејќи еве и да е една третина, каде се двете третини? Тие не се враќаат назад.
Јаневска: Не сум согласна со вашата констатација, затоа што оние кои успеавме да ги лоцираме, а одамна завршиле, овие кои сѐ уште се на студии веќе ги регистрираме, се потрудија на некој начин да ѝ возвратат на државата. Тие формираа една невладина организација која се вика „Мостови кон дома“, во постојан контакт се со Министерството и почнаа веќе сериозно да работат бесплатно, нели, за сопствената земја. Ние сме на почеток на тие проекти, но тоа се сериозни проекти и тие искрено сакаат да се оддолжат на својата татковина. Тие што останале надвор, па така, работат за Министерството за здравство, работат за Заводот за статистика, работат за театри, работат за училишта… Сѐ уште бројот на проекти е мал, но јас сум сигурна дека според ентузијазмот кој го гледам кај нив, тие ќе продолжат да ѝ се оддолжуваат на земјата. Не затоа што мораат, туку затоа што искрено сакаат. Затоа што она што земјата не го направила како своја обврска – не ги повикала и не им понудила работа во периодот во којшто биле склучени договорите според клаузулите од договорите – тие не се виновни. Сметам дека можат да дадат сериозен придонес и дека тоа го прават, а и понатаму ќе го развиваме ова што треба.
360°: Еден од аргументите кога започна оваа програма беше дека се стартува оваа програма за да се зајакнат капацитетите на државната администрација. Од оние бројки коишто пак ќе кажам, од вашиот ресор ни беа доставени, забележуваме дека само 12 лица се имаат вработено во јавната администрација во периодот од 2012 до 2020 година. Во последниве пет, сега влегуваме во шеста година, нема ниту еден вработен. Дали ова значи дека државата не сака, не може или не знае да го искористи овој капацитет кај оние коишто се враќаат назад?
Јаневска: Не сум сигурна дека целта да се испратат на најпрестижните универзитети била да се вработат во администрација, да се зајакне администрацијата. Секако би било многу корисно…
360°: Едно од многуте.
Јаневска: Секако би било корисно да ја зајакнеме администрацијата, затоа што јас јавно кажав дека сметам дека е недоволно компетентна. Меѓутоа, тоа се студенти кои навистина, тоа се млади луѓе кои навистина навлегуваат длабоко во наука – физичари, хемичари, информатичари, економисти, правници кои се соочуваат со светски достигнувања и светски проблеми. Не можеме да очекуваме да работат во администрација каде што нема да се соочат и нема да го користат сопственото знаење коешто го стекнале таму, а дополнително ќе се соочат со една несосема пријатна средина и исклучително ниски плати. Јас ќе бидам презадоволна ако успееме дел од овие што сѐ уште се на студии ги вратиме во земјата, во приватните компании и на нашите универзитети каде што можат да го пренесат знаењето што го стекнале. Тоа би било многу покорисно и да ја научат, да речеме, администрацијата. Тоа би било многу покорисно отколку да бидат само административни службеници, на пример еве во Министерството за образование и наука. Оттука мислам јас повторно ќе кажам дека сме на добар пат, но како што вообичаено велам, за сѐ треба време. Треба време и овие наши млади луѓе кои не се дома да се организираат и да се вратат и да им понудиме тоа за што учеле, тоа за што се способни и од што државата ќе има најмногу корист.
360°: Ако не им е привлечна државната администрација, еве и самите рековте дека може да се вратат на државните универзитети. Од 7 стипендисти коишто се добиени за докторати, 6 останале во странство, само еден се има вратено дома. Како ова би го искоментирале вие?
Јаневска: Ова би го искоментирала вака: она што е поминато не може да се врати, но затоа може да се мисли на иднината. Во новиот Закон за високо образование ќе препорачаме приоритетно да бидат примани на работа тие студенти.
360°: Секој студент кога аплицира за добивање на ваква стипендија, покрај потпишаниот договор, потпишува и меница. Дека доколку не се врати во државата како што е пропишано, нели, да работи двојно повеќе од времето на студирање… Во некои години се имаат потпишувано меници дека тие луѓе треба да вратат десеткратна сума од таа што ја добиле. Откога вие дојдовте, нели во Министерството, се сменија тие одредби и сега треба да се врати само сумата којашто е доделена. Еве и иако и самите потврдивте дека една третина еве според вашите информации се вратени, другите две третини не се. Зошто немате активирано ниту една меница и зошто не е наплатен ниту еден денар од оние коишто не се вратиле?
Јаневска: Затоа што сметам дека најдовме подобар начин да ги задржиме дома овие млади луѓе и затоа што според информациите кои ги добив од стручни лица, не е можно да се наплатат мениците, затоа што каде и да се наоѓаат овие деца, нема да можат да исплатат десеткратно повисок износ од она што е вложено. Не е целта да ги казниме и да им ги земеме средствата, целта е да ги вратиме дома колку што е можно повеќе од нив. Тоа и се обидуваме да го направиме.
360°: Но тие биле свесни, биле свесни што потпишувале во договорите.
Јаневска: Претпоставувам дека дел биле свесни, дел биле свесни дека нема да може да се врати тој износ, а дел и не биле сосема свесни што значи тоа. Претпоставувам дека како млад човек и не се сосема соочени со реалноста и дури кога ќе отидат таму сфаќаат што се случува и која е разликата од она што овде им е побарано и она што таму го учат де факто. Оттука јас повторно ќе кажам – ќе направиме сѐ да ги вратиме тие што можеме да ги вратиме, а овие што сѐ уште студираат на било кој циклус, да останат во земјата после завршување на нивното образование.
360°: За одредени податоци кои ги добивме не беше јасно прецизирано дали за кој е бројот на дипломци, магистри и доктори… Не беше јасно дали завршиле, дали студираат или се откажале. Дали имате можеби вие евиденција на стипендисти кои ги завршиле студиите, а дали има и онакви коишто можеби се откажале?
Јаневска: На наша голема гордост како држава сакам да кажам, ниту едно дете не се откажало и сите тие во рок ги завршиле студиите, што кажува колкав е голем потенцијалот умствен на оваа земја. Она што јас постојано го повторувам: ние ако немаме злато, нафта и гас, имаме умни луѓе чиј потенцијал треба да го искористиме. Сите што требало да завршат, завршиле. Според податоците кои ние ги прибираме сѐ уште, 300 од овие 457, се надевам дека сите сме ги лоцирале, ќе продолжиме тоа да го правиме, завршиле, од кои една третина се во земјата.
360°: Така. Дали се размислува за евентуално укинување на оваа програма со оглед на тоа што ако зборуваме во апсолутни бројки, од страна кога се гледа ефектот за државата е практично непостоечки. Или пак дали ќе се потрудите некако како Министерство да си го наплатите долгот од оние студенти коишто останале должни – народни пари се сепак тоа, пак да повториме.
Јаневска: Простете, повторно не би се согласила со вас. Не е дека нема ефект. Средствата се за 10 години и како бројка изгледаат значајни, но ако ги споредиме со средствата кои ги даваме за студентски оброк, за стипендии, за инфраструктура, тие не се ни толку огромни средства кои една држава која планира постојано да се движи во нагорна линија не може да ги издвои. Особено затоа што станува збор за нашите најдобри деца. Не мислам лично дека треба да се укине овој проект, но да, доколку во иднина, сега имаме нови правила, нови договори, се случи да не се вратат и да не дојдат на располагање на државата во оној период кој за нив е обврзан, да, ќе ги активираме договорите.
360°: Би сакал да ве прашам и кога ќе се стават на вага, сега не очекувам дека би се согласиле со мене, дали сметате дека овој проект е промашен од аспект на каква полза добива државата? Бидејќи на вага се ставаат 38 милиони евра, 12 вработени во администрација, две третини на стипендисти коишто не се вратени. Како на обичниот граѓанин да му објасниме која е ползата од оваа мерка за нив?
Јаневска: 112 вкупно вработени грубо кажано од 300 завршени…
360°: Зборувам за јавна администрација – 12.
Јаневска: Ние во конкурсот не велиме дека децава што ќе студираат физика ќе бидат вработени во јавна администрација. Ние велиме секој што ќе се запише во било која област на еден од првите 100 ќе биде стипендиран. Не можете да очекувате физичар, хемичар и информатичар, а информатичар може да биде во јавна администрација…
360°: Добро, ама пишува дека шест месеци треба да бидат ставени на располагање на државата.
Јаневска: Они треба да се јават. Меѓутоа, двострана е грешката. Дел од децата и се ставиле на располагање од државата, државата не нашла начин да ги искористи. Затоа велам, тоа е нештото што треба да се смени. Деца кои студирале на Харвард, деца кои студирале на Кембриџ, на Оксфорд, во Каролинска – да не ги набројувам – и успеале, значи не изгубиле година, не пропуштиле испит… Тоа е богатство на една држава. Ние само треба да го најдеме начинот да си ги задржиме тука. Тие се иднината на оваа земја. Тоа е малиот квантум на луѓе кои ќе го повлече големиот квантум на оние кои имаат потенцијал, а се овде во земјата. Само така ние можеме да одиме напред. Да, треба економија, да, треба индустрија, да, треба напредок сѐ, но треба човечки капацитет кој ќе знае како сето ова да го води и како сето ова да го создаде. Како да создаде производ, како да создаде профит. Тоа се овие луѓе. Јас и понатаму ќе ги поддржувам.
360°: Несомнено, но која е гаранцијата дека тие ќе се вратат? Дали создаваме ние само богата дијаспора и останатите земји да ги користат нашите? Ние знаеме дека имаме брилијантни умови и дека овие деца можеби ете навистина заслужуваат да студираат таму. Но која е гаранцијата дека Македонија ќе добие нешто за возврат од нив? Бидејќи повторно ќе кажам: мои пари, ваши пари, на граѓаните пари се трошат за нив.
Јаневска: Тоа се наши пари за наши деца. Гаранцијата дека тие ќе се вратат или ќе го платат долгот е кога државата ќе си ја преземе сериозно обврската да ги повика и да им понуди работно место. Јас ви кажав дека доколку одлучат да не се вратат ќе мора да ги вратат средствата од оној момент од кога ги сменивме договорите наваму. И ви кажав дека во новиот Закон за високо образование и наука на овие студенти кои се враќаат од таму ќе им дадеме предност за вработување на универзитетите и секако почнуваме да комуницираме, и ние веќе имаме секаква комуникација со Стопанските комори, сега и тоа ќе го интензивираме. Доколку некој од нив сака да се најде во приватниот сектор и тоа да им го олесниме. Тоа е единствениот начин на кој ние можеме да ги задржиме нив овде и да им дадеме услови. Години наназад не дека не е, но не е доволно финансирана научната дејност. Вие гледате дека ние во оваа година и пол како Влада многу вложуваме. Они треба да имаат каде да го сработат тоа што го научиле. Треба да имаат лаборатории, треба да имаат можност да развиваат теории, хипотези, идеи. Ако немаат таква можност како што да речеме би било генерално во администрација во Секторот за човечки ресурси, они нема што тука да бараат.
360°: Чуму оваа мерка воопшто започнала?
Јаневска: Оваа мерка започнала како една благородна идеја за државата, не за децата. За овие кои ќе бидат меѓу најдобрите во светот да ѝ помогнат на сопствената држава. Дел од нив и помагаат на државата. Тие што се вратиле и овие што се во здружението „Мостови кон дома“ сериозно ѝ помагаат на државата.
360°: Но да бидеме фер, има и дел кои воопшто не ѝ помагаат, напротив, и наштетиле на државата.
Јаневска: Има дел кои не ѝ помагаат, не мислам дека и наштетиле. Тоа што тие не биле повикани не е нивна грешка, тоа е грешка на државата.
360°: За крај би сакал да ве прашам, бидејќи од вашето доаѓање во ресорот Министерство за образование, нели е изменет правилникот, дека треба да се врати само сумата којашто е дадена. Дали истото може да се аплицира и на одредени студенти од минатото или не може ретроактивно тоа да се направи?
Јаневска: Не може ретроактивно тоа да се направи. Дел од нив се и изгубени, ние не можеме сѐ уште да ги лоцираме иако работиме на тоа. Но ќе ги лоцираме. Прво ги повикавме сами да се пријават во регистарот. Дел се пријавија, дел веројатно не ни знаат сѐ уште, не се информирани, дел се можеби уплашени дека, нели, ако не ги вратат тие 100 милиони евра фигуративно кажувам, можеби ќе бидат во затвор и така натаму, не се осмелуваат ни да преговараат и да се договорат. Но ние според документите кои ги имаме, до последен ќе ги лоцираме и до последен ќе ги контактираме.
