Ристоска во октомври лани најави дека ќе поднесе тужба против владејачката партија ако од нив не добие извинување за јавно објавените критики за нејзината обвинителска работа
Јавната обвинителка Ленче Ристоска информира дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ откако владејачката партија, нарекувајќи ја поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, во октомври лани ја критикуваше нејзината обвинителска работа, обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда.

Реагирајќи на ваквите наводи, Ристоска тогаш рече дека соопштението на ВМРО-ДПМНЕ го доживеала како притисок и заплашување од лице за кое се води кривична постапка. Таа сè уште ги застапува обвиненијата „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице.
Денеска, во изјава за медиумите, Ристоска рече дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи недозволено е кое било обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За премиерот, како што е добро познато, поднесов известување до Советот на јавни обвинители како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“,
изјави обвинителката за медиумите.
На почетокот не месецов, Ристоска поднесе известување до Советот на јавните обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Вечер.мк“, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица. Наводите на премиерот таа ги оцени за навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
Од Владата за „Дојче веле“ тогаш наведоа дека премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто не ја спомнал Ленче Ристоска со име и презиме и дека е чудно што таа се препознала во интервјуто.
За Груевски застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба во „Талир 1“
Инаку, изјавата во која информира за тужбата против ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска ја даде по денешното рочиште за случајот „Талир 1“, кое се одложи бидејќи обвинителката достави коригирано обвинение со оглед на тоа што за обвинетите ексгенерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и експретседател на партијата Никола Груевски застаре кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, што, како што појасни таа, како предикатно дело произлегува од основното кривично дело перење пари, за кое се гонат сите обвинети.
Како што кажа обвинителката, за сите останати обвинети, како и за Божиновски и Груевски, останува да се води постапката за основното кривично дело – перење пари.
„Во конкретниот случај настапена е застареност на предикатното кривично дело, односно на кривичното дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’, поради истек на законските рокови за застареност и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Меѓутоа и покрај застарениот предикат, согласно закон и постоечката судска пракса, не постојат пречки да се гони перењето пари во овој случај, за кое застареноста настапува во 2035 година. Сите обвинети за злоупотреба се обвинети и за перење пари, само за двајца обвинети е застарено кривичното дело предикатно, додека за сите останати продолжува, вклучително и за овие двајца продолжува судењето за перење пари“,
рече Ристоска, објави „Слободен печат“.
