Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Преспанскиот Договор задира во посебноста на македонската држава и на македонскиот народ и најавува промена на Уставот, доколку тие се вратат на власта а се исполнат и неколку други услови.
„За да се случи чекор назад, правно, легалистички, на нас ни се потребни 80 пратеника во Собранието и условот „Бадинтер“. Доколку го имаме ова, ние ќе се вратиме чекор назад и ќе ги вратиме уставните измени“,
рече Мицкоски.
Тој уште еднаш го потенцира партискиот став дека ВМРО-ДПМНЕ е под политички терор од страна на власта, но во исто време и се закани на актуелната владејачка гарнитура дека треба да очекува исто сценарио.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како структура подготвени сме на овој политички прогон, политички терор. Но ќе ги потсетам дека ’тоа што си го дробеле, тоа ќе го сркаат’. Членот 353 став 5 ќе важи и за нив“,
изјави тој.

Мицкоски му пати совет на премиерот Заев да размисли што прави, бидејќи, според него, иднината на земјата е доведена во прашање. Нагласи дека уште некое време ќе апелира на разум во надеж дека власта ќе се охрабри за предвремени избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Алсат посочи дека е во редовен контакт со челниците на опозициските партии на Албанците, Зијадин Села и Биљал Касами.
„Се разбира дека комуницираме. Имаме средби, разговараме, загрижени сме. Загриженоста е присутна и во едниот и во другиот блок, споделуваме иста мака. Истата мака се вика моменталната Влада“,
изјави Мицкоски.
И покрај тоа што во таа Влада е и ДУИ, Мицкоски рече дека двете партии разменуваат информации а тој лично со нивниот лидер.
„И со ДУИ имаме комуникација. Во рамки на Парламентот, пратеничките групи комуницираат. Јас имам комуникација со господин Али Ахмети“,
рече тој.