Според него, СДСМ бил алтернатива дури и кога бил опозиција, а сега „со неодењето на лидерска средба сме изолирана партија“
Монополизацијата во носењето на одлуките е причина за поларизација на СДСМ меѓу актуелните пратеници, како и високи актуелни и поранешни функционери внатре во партијата. Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласа и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа, изјави вечерва во „Топ тема“ на Телма поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

„Ќе дојде до определени барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“,
рече Шилегов.
Тој посочи дека денеска јавноста слушнала оти СДСМ нема да го поддржи проектот „Безбеден град“ и праша кој партиски орган и кога ја донел оваа одлука, бидејќи секогаш порано за сериозни прашања во партијата имало сериозна дебата.
„Кога се одржаа Извршниот и Централниот одбор, како и координација на пратеничката група на која е донесен став да не се поддржи определен закон за којшто сме согласни дека има контроверзии во него“,
праша Шилегов и додаде дека не може три дена пред конгрес општинските организации да се заклучени.
Според него, промена на ваквата состојба може да донесе само оставка од страна на актуелното раководство.
„Ситуацијата е премногу сериозна. А СДСМ е судбински врзан со судбината на оваа држава“,
рече Шилегов.
Според него, СДСМ бил алтернатива дури и кога бил опозиција, а сега „со неодењето на лидерска средба сме изолирана партија“.
„Убеден сум дека со вакво ВМРО-ДПМНЕ, ако се консолидираме за два месеци, на следните избори може да го поразиме. Поразително е да имате мнозинско опозициско расположение, а како опозициска партија СДСМ да се борите со ДУИ и Левица, за втора и трета опозициска партија, а не да биде лидер на опозицијата. Ако дојде до брза промена на раководењето и креирањето на политики на СДСМ, јас ви гарантирам дека на следните вонредни избори ваквото неспособно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе го порази“,
потенцираше Петре Шилегов во вечерашната „Топ тема“.
