Во врска со наводите за ангажманот на Татјана Наќева, Чучуљ потврди дека лицето било ангажирано, но нагласи дека причините биле исклучиво технички – поради обемна, несредена архива со предмети
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на брифинг ги отфрли наводите на Левица дека во институцијата постои политичка мрежа на влијание, судир на интереси и селективно постапување по предмети. Претседателот на Комисијата Адем Чучуљ оцени дека обвинувањата се неосновани и целосно спротивни на начинот на кој функционира ДКСК. Тој нагласи дека системот за распределба на предмети не дозволува никакви манипулации.

„Не се работи за никакво влијание врз распределбата ниту, пак, тоа е можно да се оствари во пракса, имајќи предвид дека предметите се доделуваат по случаен избор преку електронскиот ДМС-систем“,
рече тој додавајќи дека ниту еден член на Комисијата, ниту претседателот ниту вработените во секретаријатот, не може да влијае врз тоа кому ќе му биде распределен предмет.
Во врска со наводите за ангажманот на Татјана Наќева, Чучуљ потврди дека лицето било ангажирано, но нагласи дека причините биле исклучиво технички – поради обемна, несредена архива со предмети.
„Имајќи предвид дека ДКСК како институција обработува документација на ниво на министерство, а долг период архивата не беше средена и не беше извршено уништување на документационен материјал со истечени рокови за чување, постоеше потреба од екипирање и организирање поголема акција за селектирање на материјалот. Станува збор за близу седум илјади предмети и поради тоа беше ангажирано ова лице. Договорот му истекува на 29 јануари, и нема потреба од дополнително негово ангажирање. Морам да нагласам дека ова лице нема никакво влијание ниту врз доделувањето, ниту врз распределбата на предметите, што целосно ги демантира наводите изнесени на денешната прес-конференција“,
нагласи тој.
Претседателот на Комисијата потсети дека ДКСК работи како колективно тело и дека сите одлуки се носат на јавни седници, со мнозинство гласови.
„Одговорноста не е индивидуална, туку колективна“,
рече Чучуљ и додаде дека ваквите наводи ги гледа како обид за дефокусирање на работата на Комисијата.
На прашањето дали ДКСК ќе поднесе тужба за клевета, Чучуљ одговори дека Комисијата не сака да се вплеткува во дневнополитички конфликти и ќе продолжи да работи транспарентно.
Левица претходно обвини дека постои мрежа за контрола врз текот и исходот на предметите, во која клучна улога ѝ се припишува на членката на Комисијата Цвета Ристовска и на лицето ангажирано во архивата Татјана Наќева.
Од Левица тврдат дека во ДКСК е воспоставена мрежа за контрола на предметите со цел заштита на интересите на владејачката структура на ВМРО-ДПМНЕ.
„Преку сомнително ангажирање на лицето Татјана Наќева во архивата, со договор за дело, и покрај тоа што архивата веќе била кадровски екипирана, се воспоставувал филтер врз влезната и излезната пошта. Преку овој механизам, ангажираната Наќева ја алармирала членката Цвета Ристовска, по што таа ги известувала предметните лица, селектирала предмети, ја забавувале или ’заглавувале’ постапката – зависно од тоа дали се однесуваат на луѓе блиски до власта“,
рекоа од Левица денеска на прес-конференција.
