Николоски вели дека Владата веќе една година разговара со претставници на Европската комисија за надминување на овој сериозен проблем. Но, тој додава дека ЕУ засега нема слух за надминување на проблемот не само за Македонија туку и за целиот Западен Балкан

Новите правила за електронска евиденција во земјите од Шенген-зоната ѝ штетат на домашната економија, драстично ќе ја намалат работата на транспортерите, а на удар директно ќе бидат транспортниот сектор и челичната индустрија, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој додава дека поради ова Владата има разбирање за револтот на транспортерите, како и за протестот што ќе го направат превозниците од понеделник, не само од Македонија туку од целиот регион од Западен Балкан.
Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање од собраниската говорница, истакна дека Владата веќе една година разговара со претставници на Европската комисија за надминување на овој сериозен проблем. Но, додава дека ЕУ засега нема слух за надминување на проблемот не само за Македонија туку и за целиот Западен Балкан.
„Повеќе од една година разговараме со ЕУ, но слабо се разбираме и не наидуваме на разбирање. Последно разговарав во декември во Брисел со еврокомесарот за транспорт Цицикостас и со генералната директорка за мобилнoст и транспорт при Европската комисија, Магда Копцинска, при што се обидов најпластично да им пренесам дека ова што го прават ќе значи смрт за економијата во регионот и ќе значи затворање на бројни странски инвестиции во регионот, а кои доаѓаат од земји членки на ЕУ“,
рече Николоски.
Николоски вели дека не се согласува со формалниот одговор даден од портпаролот на ЕК, кој вели дека нема разлика помеѓу досегашните и новите правила, и оти еден патник може да остане 90 дена во рамките на 180 дена во Шенген-зоната и сега.
„Формално тоа е точно, но практично не е точно, од причина што превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе кои одат на посета, туку се луѓе коишто работат. Истите не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавач во конкретна земја членка на ЕУ, а најчесто проблемот е тоа што само транзитираат“,
вели Николоски.
Тој додаде дека во континуитет одржува средби со бизнис-коморите, со транспортните асоцијации и странските инвеститори со цел заеднички да се изнајдат најсоодветни решенија и да апелира до ЕУ за промена на правилата.
Вицепремиерот додава и дека Владата го задолжила и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да се обрати до ЕУ за одложување на новите правила за влез.
„Проблемот е подлабок. Ова ќе влијае врз извозните компании. Теоретски да го уништиме транспортниот сектор и бизнис во Македонија, не само што директно ќе влијаеме врз транспортот, мислам дека ни ЕУ не се свесни со каков проблем се соочуваме“,
кажа Николоски.
Според него, има уште два проблеми – со карго-сертификатите и вториот е со квотите со извоз на челик.
Николоски вели дека не може регионот од Западен Балкан да се третира како трети земји и за извоз на челик да сме во иста квота со Кина.
„Квотите кои сега ќе ги постави ЕУ, на кои сериозно работат, веројатно од Кина и Индија ќе ги исполнат во првите два месеци од годината. После тоа ќе има 50 отсто царина и практично ќе значи нема да има увоз на челик во ЕУ затоа што е неконкурентен и тоа значи дека челичната индустрија ќе колабира. ’Фени’ се затвори, со вакви линеарни политики на ЕУ можеме да заклучиме само што ќе се случува со големи производители на челик од земјава“,
додаде вицепремиерот Николоски.
Најави дека Владата сериозно ќе работи на надминување на овој предизвик со цел стабилизација на транспортниот сектор во земјава и во регионот.
Николоски на седницата за опозициски прашања рече дека Владата го поддржува ставот на Комората на странските инвеститори во Македонија во врска со системот ЕЕС за влез и за излез од ЕУ, и најави дека по седницата ќе има состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на оваа тема.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот од опозицијата Митко Трајчулески, Николоски рече дека вчера разговарал со претставници на повеќе сектори и бизниси во Македонија и оти тоа не само што ќе влијае на директните работни места што ќе се затворат, туку исто така ќе влијае и на компаниите, односно основните стапки во нивното работење.
Николоски рече дека јавноста треба да има претстава оти имаме многу сериозни предизвици како регион, кои силно ќе удрат врз економијата.
