И покрај реакциите на скопјани, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека од раните утрински часови екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и од булеварите што се под надлежност на градот

Снегот што од ноќеска паѓа во Скопје е причина што утринава главниот град е во сообраќаен хаос. Скопјани денеска одејќи на работните места и во училиштата затекнаа неисчистените булевари и улици. На речиси сите улици имаше снег и мраз, а таму каде што беше порасчистено е поради поголемата фреквенција на возила кои го имаат стопено снегот.
Скопјани на социјалните мрежи реагираат на неисчистените улици.
Коментарите што може да се прочитаат: „Подготвени го дочекавме првиот снег во Скопје!! Во сообраќај три километри поминати за 62 минути“, „Поради неочекувана појава на снег во месец јануари, службите се во целосен шок. Ситуацијата внимателно се набљудува Граѓаните да имаат трпение – снегот сепак е нов феномен“.


И покрај реакциите на скопјани, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека од раните утрински часови екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и од булеварите што се под надлежност на градот.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска! Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“,
вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски упатува апел до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ги приспособат брзината и начинот на возење на зимските услови.
„Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“,
додава градоначалникот.
На веб-страницата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот нема информации во кои делови од Скопје има проблеми поради снегот.
На страницата на Јавното претпријатие „Улици и патишта“ последната информација е од вчера, каде се вели дека зимската служба има 24-часовни дежурства и дека интервенираат со посипување сол според потребите на терен.
„Механизацијата и работната сила се сместени во три пункта – асфалтна база во кругот на фабриката Железара-Бутел, стара механизација на улицата ’Христо Татарчев’ во Кисела Вода и базата на ЈСП во Ѓорче Петров“,
пишува во информацијата.
