„Зошто тие не го направија тоа. Истите работи ги правеле и пред осум, па и пред повеќе години. Еве нека му го постават прашањето на мојот претходник (Оливер Спасовски н.з.) зошто осум години не усогласил ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. Да, ние тоа го сторивме, и сите оние акти што ги побара Агенцијата од нас и се потребни да се изготват согласно закон ќе бидат донесени, ќе бидат објавени и ќе бидат ставени во функција од 1 и 2 февруари кога ќе отпочне казнувањето за сообраќајни прекршоци“, изјави министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител
Министерот за внатретрешни работи Панче Тошковски вели оти му е жал што Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) јасно и гласно не дал поддршка за проектот „Безбеден град“, истовремено отфрлајќи ги, во тој контекст, забелешките што ги изнесе опозициската партија во врска со Законот за прекршоците.

Тошковски, во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител беше прашан за коментар на резервите што СДСМ ги има во однос на Законот за прекршоците што треба да го донесе Собранието, а кој е клучен за да може да профункционира системот „Безбеден град“.
Социјадемократите сè уште не се изјаснија дали ќе го поддржат законското решение, а нивните главни забелешки се однесуваат на тоа што ќе се случува со, како што кажа нивниот лидер Венко Филипче, огромната количина на податоци што тој систем ги генерира, додавајќи, дека ВМРО-ДПМНЕ е позната по злоупотреба на такви податоци, како и во однос на висината на казните.
„Тоа е нешто за што мора да се разговара и тие две прашања да ги покренеме во Собранието“,
изјави вчера Филипче.
Одговарајќи на првата, условно кажано, теза актуелниот министер за внатрешни работи Тошковски рече дека сите работи за кои СДСМ има забалешки се правеле и во годините додека партијата била на власт и имала време во тој период да ги уреди сите законски и подзаконски акти кои се однесуваат на заштитата на личните податоци на граѓаните.
„Навистина ми е жал што не дадоа поддршка за овој проект. Ако безбедноста на граѓаните и заштитата на човечките животи за нив не е приоритет, тогаш не зна, што би било приоритет за една политичка партија во Македонија“,
кажа Тошковски.
На забелешка на новинарката дека тогаш системот не бил толку развиен, министерот рече дека тоа не е точно, наведувајќи дека од аспект на користење на лични податоци, бази на податоци, снимки, следење на возила, како и сето она што е поврзано со работата на криминалистичката полиција се работело и во изминатите осум години, но тогашната власт не покажала интерес тоа да се усогласи со Законот за заштита на лилни податоци.
„Зошто тогаш не ѝ овозможиле на Агенцијата за заштита на личните податоци, да ѝ отворат врата, како што ми кажаа службениците таму, да влезат во рамки на Министерството за внатрешни работи и да се усогласи согласно Законот за заштита на лилни податоци и сите оние принципи, правилници и метологии, сето она што е нужно да се стори за заштита на граѓаните, така како што сега тоа ние го правиме“,
изјави министерот за внатрешни работи.

Според Тошковски, изминатите неколку недели Министерството за внатрешни работи усогласило околу 11 акти со Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Зошто тие не го направија тоа. Истите работи ги правеле и пред осум, па и пред повеќе години. Еве нека му го постават прашањето на мојот претходник (Оливер Спасовски н.з.) зошто осум години не усогласил ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. Да, ние тоа го сторивме, и сите оние акти што ги побара Агенцијата од нас и се потребни да се изготват согласно закон ќе бидат донесени, ќе бидат објавени и ќе бидат ставени во функција од 1 и 2 февруари кога ќе отпочне казнувањето за сообраќајни прекршоци“,
кажа министерот за внатрешни работи.
Во однос на забелешката за висината на казните, Тошковски направи споредба со трошоците што во 2023 година ги понеле граѓани на земјава по настанати сообраќајни незгоди.
„Во 2023 година македонските граѓани сообраќајните незгоди и сите трошоци коишто настануваат од сообраќајни незгоди ги чинеле отприлика околу 400 милиони евра. Ова е согласно една студија изготвена од страна на професори којашто имав можност да ја видам изминатиот период. Колку чини еден човечки живот, колку“,
рече Тошковски.
Претходно говорејќи на темата во интервјуто, тој рече дека целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки живот.
Појаснувајќи го функционирањето на системот, кој се очекува да стартува од 1 февруари, тој наведе дека ќе се констатираат исклучиво четири прекршоци – брзина над дозволено, поминување на црвено, погрешно запирање и паркирање и нерегистрирано возило.
Тој рече дека откако ќе почнат со канзувањето ќе мораат да ги достават до граѓаните сите оние докази за да ги убедат дека тие навистина го сториле сообраќајниот прекршок. Во споредба со претходно, сега граѓаните откако ќе го примат известувањето на телефон или мејл ќе имаат можност да платат во рок од осум дена половина од казната која е предвиедна, а онаму каде има забрана за управување моторно возило ако се плати во рок од осум или 16 дена тогаш забраната се изрекува на половина од минимумот кој е утврден законски. Според него, сето ова треба да ги мотивира граѓаните.

Тошковски се осврна и на податоците од тест периодот на системот, кои покажале дека бројот на сообраќајни несреќи со тешки последици е драстично намален во споредба со претходните месеци.
„Имаме за 35 отсто помалку повредени лица на територија на СВР Скопје компарирано со претходните два месеци,
рече тој.
Во однос на плаќањето на казните, Тошковски рече дека граѓаните ќе имаат можност тоа да го сторат на повеќе начини – во банка, во најблиската полициска станица или преку електронски апликации на банките. Рече дека ќе има и посебна апликација, која ќе биде изготвена од МВР што ќе биде со посебна заштита и која граѓаните ќе можат да ја користат за плаќање на казните.
