Покрај ова, лидерот на СДСМ рече дека како партија во Собранието ќе иницираат и прашање поврзано со висината на казните предвидени со системот „Безбеден град“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека како партија би го поддржале предлог-законот за прекршоци, чие носење е клучно за да може да почне да се применува системот „Безбеден град“.
Од аспект на безбедноста во сообраќајот, Филипче вели дека ваквиот систем му е потребен не само на главниот град туку на сите поголеми градови во земјава и насекаде по патиштата.

Сепак, како што вели, власта не одговара на два многу важни аспекта поврзани со системот „Безбеден град“.
„Прво – што ќе се случува со огромната количина на податоци кои тој систем ги генерира, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е позната по злоупотреба на такви податоци. И втората работа е висината на казните. Тоа е нешто за што мора да се разговара и тие две прашања ќе ги покренеме во Собранието“,
изјави Филипче.
На новинарско прашање дали Собранието може да покаже добра волја и да побара Министерството за внатрешни работи да го одложи стартот на функционирањето на „Безбеден град“ за најмалку три месеци, тој вели:
„Сè може да се направи ако се има вистинска волја нешто да се сработи во интерес на граѓаните. Сè може да се направи и за сè може да се дебатира. За жал, од оваа власт не видовме волја за нешто вистински да се дебатира. Ако има вистинска волја да се води државата така како што треба согласно стратешките правци во изминатите 30 години – вистински кон Европската Унија, сè може да се дебатира“,
додаде лидерот на СДСМ.
Филипче рече дека СДСМ во Собранието ќе иницира само аспекти кои се важни и кои се во интерес и корист на сите граѓани, а не, како што рече, аспекти кои ѝ одговараат на власта.
Премиерот Мицкоски во петокот изјави дека очекува измените на Законот за прекршоците да бидат донесени на првата наредна пленарна седница на Собранието и со тоа да се отвори пат за системот „Безбеден град“ и официјално да профункционира од 1 февруари.
