За време на консултациите на претседателот на Европскиот совет со земјите членки на Унијата било дискутирано и за најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување 10 отсто царини на стоки увезени од дел од европските земји поради нивното противење на третманот на Вашингтон кон Гренланд. Во оваа смисла европските претставници нагласиле дека тарифите се некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД и дека нивното потенцијално воведување би ги поткопало трансатлантските односи
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, свика вонреден самит на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) поради новите тензии меѓу ЕУ и САД околу Гренланд.

Кошта најави дека ќе го свика самитот во наредните денови, но точниот датум на одржување на состанокот сè уште не е познат бидејќи повеќето европски лидери ќе присуствуваат на Светскиот економски форум во Давос оваа недела. Според најавите, на Форумот ќе присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Изминатиов викенд, претседателот на Европскиот совет одржа консултации со земјите членки на ЕУ, на кои, како што рече, било потврдено единството во принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет, вклучително и единството во поддршка и солидарност со Данска и Гренланд.
За време на консултациите со земјите членки на Унијата било дискутирано и за најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување 10 отсто царини на стоки увезени од дел од европските земји поради нивното противење на третманот на Вашингтон кон Гренланд. Во оваа смисла европските претставници нагласиле дека тарифите се некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД и дека нивното потенцијално воведување би ги поткопало трансатлантските односи.
Кошта, исто така, ја потврди подготвеноста на ЕУ да се брани од секаков вид принуда, како и продолжувањето на конструктивната соработка со САД по сите прашања од заеднички интерес.
