„Ние сме дел од едно огромно семејство – НАТО, а веќе следниот месец ќе се одржи министерски состанок на алијансата, на кој детално ќе се разговара за актуелните случувања“, изјави министерот за одбрана одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес каде што е сместена Командата за обука и доктрини (КОД) и каде што денеска свечена заклетва дадоа 296 нови професионални војници
Државата е безбедна и покрај актуелните геополитички случувања во светот, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Одговарајќи на новинарско прашање за глобалните безбедносни предизвици и дали земјата може да се чувствува сигурно, министерот за одбрана рече дека иако има постојани геополитички бранувања и нови жаришта во одредени региони, безбедносната состојба во државата е стабилна.
„Да, апсолутно, државата е безбедна. Има постојани геополитички бранувања, но ние гледаме во нашиот дел. Ние сме дел од едно огромно семејство – НАТО, а веќе следниот месец ќе се одржи министерски состанок на алијансата, на кој детално ќе се разговара за актуелните случувања. И покрај новите жаришта и внатрешни случувања во одредени региони, можам да потенцирам дека безбедноста во државата е на највисоко ниво“,
изјави министерот Мисајловски.
Инаку, министерот за одбрана беше во посета на касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес каде што е сместена Командата за обука и доктрини (КОД) и каде што денеска свечена заклетва дадоа 296 нови професионални војници од генерацијата 1-2025. Меѓу нив се и 26 жени, кои три месеци се обучуваа во Центарот за индивидуална обука (ЦИО), што е дел од КОД.
Покрај Мисајловски, на свеченоста присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, неговиот заменик и други генерали, меѓу кои и домаќинот – командантот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини, како и родители, роднини и пријатели на професионалните војници.
„Денеска ја изговоривте заклетвата, ги изговоривте зборовите со кои исто како и илинденците и партизаните се заколнавте на една света обврска, дека ќе ја чувате и заштитите Македонија и сите наши сограѓани. Со давањето на свечената заклетва вие направивте суштинска исчекор во вашите животи. Тоа не се само зборови, туку ветување кое ве поврзува со народот и со татковината, дека токму вие ќе бидете штитот на државата“,
порача министерот во своето обраќање.

Мисајловски нагласи оти верува дека новите професионални војници со целосна доверба влегуваат во институцијата, која исто така верува во нив, но истовремено и многу очекува од нив.
„Очекувам вашите вредности и професионализам да ги надвладеат предизвиците на денешницата, очекувам ваш брз одговор кога треба да се помогне за време на природни непогоди или кога треба гордо да застанете рамо до рамо со нашите сојузници. Затоа држете се цврсто до вашата професионалност. Кога притисокот е голем – потпрете се на вашата обука. Кога ќе се соочите со предизвици – потпрете се на вашиот интегритет“,
кажа Мисајловски.
Тој воедно им вети на војниците дека заедно со Генералштабот продолжуваат да работата на подобрување на правата и условите за работа, со цел да имаме, како што кажа, мотивирана и професионална армија.
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, поздравувајќи ги младите професионални војници и честитајќи им ја свечено дадената обврска, кажа дека преку овој свечен чин тие пристапуваат кон институцијата со најголема доверба меѓу граѓаните и членките на НАТО-алијансата.

„Да се биде дел од Армијата е привилегија, но и огромна одговорност. Како НАТО војници вие станувате дел од безбедносниот систем кој гарантира стабилност во светот. Пред вас се отвораат можности за постојано усовршување, учење од најдобрите, споделување на искуства и учество во меѓународни мисии каде ќе можете да ги демонстрирате вашите вештини и професионализам, како и да ја презентирате подготвеноста и посветеноста на македонските војници“,
рече генерал-мајорот Лафчиски.
