Премиерот денеска, одговарајќи на новинарски прашања на оваа тема, кажа дека на вчерашната средба меѓу координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле разјаснети сите нејаснотии што се појавиле на лидерската средба во Клубот на пратеници во средата во врска со измените на Законот за прекршоци
Премиерот Мицкоски очекува измените на Законот за прекршоците да биде донесен на првата наредна пленарна седница на Собранието и со тоа да се отвори пат системот „Безбеден град“ и официјално да профункционира од 1 февруари.

Неизвесноста во врска со измените на Законот за прекршоци, а со тоа и на планираниот датум за почетокот на проектот на „Безбеден град“, се наметна откако по лидерската средба лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека бара гаранции за да ги поддржи измените, односно дека треба да се разгледаат амандмани што се поднесени во Собранието во врска со нив.
За ова и други прашања, Ахмети рече дека очекува да има посебна тет-а-тет средба со премиерот.
Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања на оваа тема, кажа дека на вчерашната средба меѓу координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле разјаснети сите нејаснотии што се појавиле на лидерската средба во Клубот на пратеници во средата поврзани со измените на Законот за прекршоци.
„Тоа тоа што беше договорено на лидерската средба беше безусловно договорено дека ќе биде поддржано. (Али Ахмети) спомена дека постоеле некои амандмани коишто потоа во разговор со министерот за внатрешни работи (Панче Тошковски) се констатираше дека не постојат. Но и покрај тоа се договоривме во текот на вчерашниот ден на ниво на координатори на пратенички групи да има состанок и сите тие нејасни теми да бидат разјаснети. Таков состанок, колку што јас сум информиран, во текот на вчерашниот ден се случил. Бидејќи беше отсутен министерот за внатрешни работи од Македонија беше вклучен преку телефонски повик. Без разјаснети сите нејасни работи и очекувам законот за прекршоци веќе на следната собраниска седница да помине“,
рече Мицкоски кој денеска беше во Кратово, каде што ја посети целосно реконструираната спортска сала.
Тој повтори дека за да поминат измените е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат најмалку 80 пратеници, но не и Бадентерово мнозинство.
Одговарајќи на дополнително прашање дали и кога ќе има тет-а-тет средба со Али Ахмети, премиерот избегна да одговори директно и рече дека тој во рамките на своето политичко функционирање се среќава со лидерите на политички партии и дека во рамките на тие средби претпоставува дека ќе има средба и со Ахмети.
Досега, како што кажа, нема договорен датум за евентуална таква средба.
Осврнувајќи се на проектот, премиерот дека на почеток се очекува да има одредени приспособувања, односно, како што ги нарече, нивелирања на самиот проект, но тоа е процес што ќе тече.
Додаде дека се исклучително задоволни од тест периодот на „Безбеден град“, кој почна на 1 декември и кој, како што кажа Мицкоски, придонел во последниот месец од минатата година на територијата на градот Скопје да нема сообраќајни несреќи со смртни последици за разлика од истиот месец 2024 година, кога ги имало пет.
„Јас очекувам многу човечки животи да бидат спасени и не очекувам политички калкулантсва кога станува збор за човечкиот живот“,
додаде тој.

Прашан дали системот „Безбеден град“ може да се искористи и за регистрирање на лица кои непрописно фрлаат ѓубре и догорчиња на улиците, како што бараат дел од граѓанските организации кои се занимаваат со заштита на животната средина, Мицкоски рече дека за такво нешто е потребна дополнителна интервенција во законите.
„Треба да се интервенира, да се променат законите за да може и тоа да се регистрира. Ајде сега да почнеме од 1 февруари, да поминат оние почетни фази кога ќе треба доусогласување, нивелирање итн. коишто ќе траат можеби неколку месеци. Потоа веќе можеме да влеземе во следната фаза“,
рече премиерот.
