Опозицискиот СДСМ на 24 јануари треба да одржи Конгрес на кој ќе се зборува и за резултатите од локалните избори. Потпретседателката Јована Тренчевска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 верува дека на Конгресот ќе дојдат мнозинството делегати и покрај тоа што постојат информации дека одредени кругови во СДСМ работат да одвратат дел од делегатите за Конгресот да не успее

Верувам дека ќе имаме успешен конгрес на партијата на кој ќе дојдат мнозинството од делегатите. Ова е коментарот на потпретседателката и пратеничка на опозицискиот СДСМ, Јованка Тренчевска, на информациите што доаѓаат од одредени кругови дека раководството на партијата е пред предизвик да обезбеди успешност на Конгресот бидејќи има одредени кругови во партијата што работат да одвратат дел од делегатите за Конгресот да не успее.
Инаку, станува збор за отчетен конгрес на СДСМ кој треба да се одржи следниот викенд, на 24 јануари, и на кој треба да се разговара и за исходот од локалните избори.
Тренчевска: Да, на 24 јануари е Конгресот, на кој едно од прашањата е извештајот од локалните избори. Имаме и други одлуки што ќе се донесат, меѓутоа верувам дека ќе имаме успешен Конгрес на кој ќе дојдат мнозинството делегати. Ќе се разговара по прашањето затоа што Конгресот како највисок орган во партијата е местото каде сите претседатели и делегати од општинските организации треба искрено да отворат одредени прашања за кои сметаат дека треба да има дискусија.
360°: Доаѓаат ли и до вас информациите дека има некој што работи во позадина некои делегати да не дојдат?
Тренчевска: Искрено, не. Искрено не, немам такви сознанија дека партиски другари работат против партијата за да нема кворум на Конгресот. Јас имам комуникација со голем дел од општинските организации, повеќе години сум активна низ повеќе општински организации и како министерка, меѓутоа и како претседателка на форумот на жени, еве сега како потпретседателка, така што немам најави дека ќе има бојкотирање.
360°: Во еден јавен настап на претседателот на партијата во кој вели – „ги повикувам делегатите да дојдат на конгресот“, некои препознаваат дека му проработела потсвеста и дека знаејќи оти некои работат на тоа дел од делегатите да не дојдат, кажал таква реченица.
Тренчевска: Видете, вие можете да толкувате како вам ви одговара одредена изјава на одредена личност. Јас сметам дека таквата изјава или „да, да се дојде“, повикот всушност е да дојдат делегатите да се разговара за сè она што сметаат дека е важно прашање, а што ќе придонесе кон подобра организација и подобро функционирање на СДСМ.

Во декември минатата година целото раководство на СДСМ си поднесе оставка освен претседателот Венко Филипче. Овој потег беше на негово барање. Оставка даде и заменик-претседателката на партијата Фани Каранфилова-Пановска. Заменик-претседател, според статутот на партијата, се бира на конгрес. Еве што одговори Тренчевска на прашањето што ќе се случува со заменичката позиција и дали тоа ќе биде тема на конгресот.
Тренчевска: Видете, што ќе се случува со заменик-претседателката, во овој случај кога имаме маж претседател, жена е заменик-претседателка. Значи, што ќе се случува, ќе кажат делегатите на Конгресот. Секако дека оставката ќе биде дел од Конгресот затоа што се избира или се потврдува или не се потврдува на Конгрес. Таа е процедурата согласно статутот на СДСМ.
360°: Што е вашиот личен став?
Тренчевска: Јас имам одлична комуникација, не сега во моментот како потпретседателка, меѓутоа и претходно како член на СДСМ, како пратеничка, имам одлична комуникација со нашата заменик-претседателка и сметам дека има квалитети што се добри и даваат придонес во функционирањето на СДСМ.
Постојат наводи за иницијатива на поранешни и актуелни видни членови на СДСМ за воспоставување граѓанска платформа, налик на некогашната иницијатива „Демос“, која би функционирала независно од партијата, а би се наметнала како некаква алтернатива на актуелното раководство. Па ја прашавме Тренчевска дали знае за постоење таква иницијатива.
Тренчевска: Видете, на секој партиски член местото му е во партијата. Независни движења, па, не знам, формирање други партии, само покажуваат дека всушност тоа не се искрени партиски членови. За сите прашања за кои треба да се разговара, за сè она што некој има забелешка на одредени одлуки, треба да се разговара во системот на СДСМ. Во партијата имаме можности секој еден член да присуствува најнапред на најниско ниво на месните заедници, каде се разговара и можеш да го кажеш својот став, општинските организации, низ комисиите во партијата, Централниот одбор и на крајот на Конгрес.
360°: И, на крај, лидерот како ќе реши така ќе биде.
Тренчевска: Не е како лидерот ќе реши. Значи, има дебата, секогаш имало дебата.
