Трамп ѝ изрази благодарност во објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека потегот е прекрасен гест на меѓусебно почитување
Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, му го додели својот Нобелов медал за мир на претседателот Доналд Трамп за време на состанокот во Белата куќа велејќи дека тоа е признание за неговата посветеност на слободата на нејзината земја, пренесува Би-би-си.

„Мислам дека денеска е историски ден за нас, Венецуелците“, рече таа откако првпат лично се сретна со Трамп, неколку недели откако американските сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во Каракас и го обвинија за трговија со дрога.
Трамп ѝ изрази благодарност во објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека потегот е прекрасен гест на меѓусебно почитување.
„Марија ми ја даде својата Нобелова награда за мир за работата што ја завршив. Прекрасен гест на меѓусебно почитување. Ти благодарам, Марија!“,
напиша Трамп на социјалните мрежи.
Сепак, американскиот претседател одби да ја поддржи Мачадо за нов лидер на Венецуела, и покрај тоа што нејзиното движење прогласи победа на широко оспорените избори во 2024 година.
По напуштањето на Белата куќа, Мачадо им се обрати на насобраните поддржувачи велејќи им:
„Можеме да сметаме на претседателот Трамп“.
Трамп често истакнуваше дека заслужил да ја добие Нобеловата награда за мир, но таа лани и припадна на Мачадо. Откако минатата недела таа кажа дека ќе ја дели наградата со Трамп, од Нобеловиот комитет соопштија дека таа не може да се пренесе на друг.
Мачадо е жестока критичарка на Мадуро и симбол на отпорот и борбата за демократски промени. И беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2024 година.
