Како што рече тој, ДУИ се согласува за предлогот една изборна единица, но со минимален праг од пет отсто и со отворени листи
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по денешната лидерска средба во Клубот на пратеници рече дека на состанокот се отвориле многу теми, од кои, како што рече, дел останале неапсолвирани.

Една од темите кои се отворија, како што рече, е членството на земјата во Европската Унија, прашање за кое треба сите да бидеме посветени и сите да се ангажираме.
„Премиерот нè извести во врска со неговите комуникации и средби со претставници на меѓународната заедница. Нè извести и за прашањата за кои разговарале, нешто за кое ние стоиме на располагање да дадеме поддршка и да помогнеме, со цел нашата држава да го заземе заслуженото место во Европската Унија“,
рече тој.
Посочи дека на лидерската средба се разговараше и за избор на народниот правобранител, прашање кое, според него, треба да се реши преку дополнителни консултации со координаторите на парламентарните партии.
ДУИ, како што додаде, не го поддржува изборот на народен правобранител бидејќи не биле консултирани.
Прашање што беше дел од дискусиите, како што додаде, е и предлогот за една изборна единица.
„Ние не сме против овој предлог, но сме за решението една изборна единица со минимален праг од пет отсто и со отворени листи“,
кажа лидерот на ДУИ.
За остатокот од прашањата што сакал да ги покрене во текот на средбата, додаде дека е одлучено дополнително да се договори средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за нив.
Според него, за укинување на техничката влада треба да се консултираат и меѓународната заедница, меѓународниот фактор и партнери, кои се коавтори на текстот за пржинска влада – ЕУ и САД.
За законите за имплементација на „Безбеден град“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство и се блокирани од страна на „Европски фронт“, рече дека треба да се разгледаат амандманите во Собранието.
Во врска со измените во Изборниот законик, Ахмети додаде дека тие ги презентирале своите предлози.
