Според Мицкоски, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на Пржинската влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине

Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото, изјави по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на Пржинската влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине.
Но, како што оцени премиерот, ќе треба да се направат измени во Законот за Влада зашто има промена во ресорите.
„Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап – на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови“,
истакна Мицкоски.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денешната средба во Клубот на пратениците ја оцени како изненадувачки, за првпат конструктивна, посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, односно до јуни да се донесе нов Изборен законик, иако за економските теми, како минималната плата, рече дека не наишле на разбирање.
„Се дискутираше за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието со некои од министрите во Влада“,
појасни Апасиев.
На средбата, посочи тој, било разговарано за укинување на техничката влада во две варијанти – или веднаш, или не за наредните, туку по наредните парламентарни избори, зависно од СДСМ.
Последната политичка тема на која било разговарано, како што рече Апасиев, бил Oмбудсман, за кој Левица предлага соломонско решение.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта, ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија треба да ѝ припадне на ромската заедница“,
изјави Апасиев.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој на средбата ја претставуваше коалицијата ВЛЕН, изјави дека тие поддржуваат техничката влада да се укине веднаш, а ако нема согласност од сите политички фактори, тогаш и следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада и потоа таа да се укине.

Како што посочи тој, на средбата било изнесено и барањето со измените на Изборниот законик да се изнајде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.
„За изборните единици немаме став, најважно е, како и да се одлучи, и за една изборна единица, да има отворени листи“,
истакна Касами.
Тој ја поздрави денешната лидерска средба, на која, како што рече, се отворија многу теми, политички и економски и имало конструктивна дискусија.
И од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, по лидерската средба изјавија дека поддржуваат укинување на техничката влада, како и за измени на Изборниот законик и воведување една изборна единица.
„Техничката влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст и со една јасна цел – обезбедување демократски, фер и слободни избори во време на политичка криза. Таа цел е одамна исполнета и зад нас се неколку успешно спроведени изборни циклуси, вклучително и последните локални избори во 2025 година“,
изјави пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Тој информира дека Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа во однос на Изборниот законик.
„За нас е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица, што ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност“,
додаде Карапејовски.
ЗНАМ дава поддршка и на примената на „Безбеден град“ и апелира на негово побрзо усвојување. Го поддржуваат и Законот за прекршоците.
На новинарско прашање зошто претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, не присуствувал на лидерската средба, Карапејовски одговори дека тој претходно имал закажани средби надвор од земјата и оти во тоа нема ништо спектакуларно.
На денешната лидерска средба, која се одржа на иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев; градоначалникот на Тетово, Билал Касами, од коалицијата ВЛЕН; како и лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не дојде на средбата.
