Според раководителот на Советот за одбрана на Криви Рих, итните прекини на електричната енергија оставиле повеќе од 45 илјади потрошувачи без електрична енергија, а повеќе од 700 згради без греење од неколку котларници

Руски беспилотни летала нападнале инфраструктурни објекти во градот Криви Рих, оставајќи повеќе од 45 илјади потрошувачи без електрична енергија, објави Олександр Вилкул, раководител на Советот за одбрана на Криви Рих.
„Непријателот повторно изврши масовен напад со беспилотни летала ‘шахед’ врз инфраструктурен објект“,
рече Вилкул.
Тој додава дека нема жртви во нападот и ги повика локалните жители да се снабдат со вода и да ги полнат своите уреди.
Според Вилкул, итните прекини на електричната енергија оставија повеќе од 45 илјади потрошувачи без електрична енергија, а повеќе од 700 згради без греење од неколку котларници.
„Помалите котларници се префрлија на генератори, но потсетувам дека генератори способни да снабдуваат шест киловолти едноставно не постојат“,
рече тој.
Вилкул додава дека и пумпните станици за водоснабдување во градот се префрлени на генератори и оти снабдувањето со вода се одржува, но притисокот ќе биде помал.
Руски напади во текот на ноќта имало и во регионот на Харков, каде што се регистрирани четири пожари.
Државниот оператор „Укренерго“ во објава на Телеграм ги предупредува жителите дека како последица на руските ракетни и беспилотни летала врз енергетските објекти, денеска во сите региони на Украина ќе применуваат распоред за прекини и ограничување со снабдувањето со струја.
Според руското Министерство за одбрана, руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила 48 украински дронови. Според соопштението, 25 дронови биле уништени над Ростовската Област, 13 над Ставрополскиот крај, пет над Брјанската Област, три над анектираниот Крим, како и по еден над пограничните Белгородска и Курска Област.
Во Ростов на Дон, кој се наоѓа на околу 100 километри од границата со Украина, избувнале два пожари во индустриски објект, соопшти гувернерот на Ростовската Област, Јуриј Сљусар, без да прецизира за кој објект станува збор. Подоцна тој изјави дека едниот пожар е целосно изгаснат, а другиот ставен под контрола.
Во нападот биле оштетени и станбени згради, а повредени се четири лица, меѓу кои и четиригодишно дете.
