Министерот за здравство вели дека кафулињата и локалите ќе треба да креираат одредени простории што ќе бидат отворени од три страни, наменети за луѓето што пушат
Со законот за заштита од пушењето бизнисите нема да затворат, вели министерот за здравство Азир Алиу додавајќи дека со ова законско решение не се забранува пушењето цигари. Вели дека кафулињата и локалите ќе треба да креираат одредени простории отворени од три страни и наменети за пушачите.

„Значи, кафичите и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот“,
вели Алиу.
Министерот очекува од 1 март законот да биде во сила.
„Ве уверувам дека нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден закон, бидејќи тогаш од првиот ден законот нема да биде функционален“,
рече Алиу.
Според него, пред институции, не само во Клиничкиот центар, туку пред јавни здравствени установи, но и други јавни институции, училишта, градинки, министерства, низ целата држава, нема да биде дозволено да се пуши.
„Клиничкиот центар дефинитивно е голем, има многу институции, но исто така знаете дека има инфраструктура внатре за пиење кафе, таму најверојатно тие бизниси ќе креираат инфраструктура и за пушење цигари, или ќе направат тераса што ќе биде отворена од трите страни“,
додаде тој.
Алиу вели дека како надлежна институција сакаат да направат закон што ќе ги штити сите бидејќи, како што рече, има многу заболувања кои директно или индиректно се поврзуваат со пушењето.
Од утре рече дека ќе има состаноци со сите инспекторати на кои ќе ги информира за законот, но и да се утврди дали има потреба од дополнителен човечки капацитет или друг тип инфраструктура за да може да се следи имплементацијата на законот на терен.
„Свесен сум дека законот има добро дефинирани постапки кај може да се пуши, кај не смее да се пуши. Но, исто така ќе имаме добро дефинирани правилници што ќе бидат јавно достапни, ќе знаат сите заинтересирани страни кои треба да бидат информирани или имаат дел од бизнисот што е опфатено со овој закон, за да може да се приспособат или инфраструктурно или внатрешни правилници ако им треба“,
кажа Алиу.
Тој појасни и дека од економска гледна точка нема да има некакви загуби и додаде дека државата дава субвенции за тутунот и има извоз.
„Од економска гледна точка не гледаме дека ќе има некаков тип загуби. Здравството и здравствените политики се поврзуваат со здравјето, а здравјето никогаш нема цена. Од друга страна, со нездраво население вие дефинитивно му одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви политики против пушење цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа. Луѓе кои се зависници од таков тип на производи се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции“,
рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за обезбедување вакцини против Хепатитис Б.
Инаку, Алиу утрово потсети дека предлог-законот за заштита од пушење, кој предвидува драстични заострувања на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи, е објавен на електронскиот национален регистар за прописи (ЕНЕР), каде во наредниот период сите заинтересирани граѓани и организации ќе можат да учествуваат во јавната расправа пред нацрт-текстот да се најде во собраниска процедура.
Спроведувањето на законот ќе го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за извршување санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, согласно утврдените надлежности.
Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од 2 000 до 3 000 евра за мало правно лице, од 3 000 до 4 000 евра за средно правно лице, а од 4 000 до 5 000 евра – големо правно лице. Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.
