„Искуството од другите држави вели дека минимум на шест месеци има нова верзија на апликацијата, подобрувања, нови услуги итн., но мора да започнеме од некаде и во февруари ќе ја имаме апликацијата со два лични документа (лична карта и возачка дозвола во електронски формат) и, како што ветивме, три (ја зголемуваме бројката) услуги коишто ќе бидат стартно достапни“, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: На Дигиталниот самит ЕУ–Западен Балкан во Скопје во октомври минатата година ја промовиравте апликацијата „Дигитален паричник“, со која треба да се добие дигитална верзија на личните документи – лична карта, возачка дозвола и слично. Зошто не ја гледаме практичната примена до овој момент?
Андоновски: Така е. Промовиравме суперапликација „е-Услуги“ и таа ќе биде апликација којашто ќе нуди и електронски услуги и лични документи – лична карта, пасош, понатаму тоа ќе бидат и дипломи за завршено образование, уверенија итн. Ние во тој период ја пуштивме демоверзијата на апликацијата и можеше да се симне. Имавме доста интерес, околу 5 000 наши сограѓани ја симнаа апликацијата и ја тестираа, и ни вратија огромен број коментари, забелешки, недостатоци, недоследности итн. И целиот изминат период работевме на средување, да речеме, на таа прва фаза на апликацијата. Во разговор со економските оператори, со ангажираните лица коишто работат на неа, ќе ја имаме верзијата за симнување на Play Store и на Apple Store во текот на февруари. Ова ќе биде проект што ќе се развива, нема да биде еднаш засекогаш. Искуството од другите држави вели дека минимум на шест месеци има нова верзија на апликацијата, подобрувања, нови услуги итн., но мора да започнеме од некаде и во февруари ќе ја имаме апликацијата со два лични документа (лична карта и возачка дозвола во електронски формат) и, како што ветивме, три (ја зголемуваме бројката) услуги коишто ќе бидат стартно достапни.
360°: Во делот на личната карта и на возачката дозвола, ќе има ли тоа употребна, практична вредност?
Андоновски: Ние го изменивме Законот за електронска идентификација и доверливи услуги за да дозволиме постоење на вакви паричници. Тоа ни овозможува, почитувајќи го овој закон, веднаш да стапи во сила и со користење. Знаејќи го македонскиот контекст, свесен дека во другите закони пишува стриктно „фотокопија од лична карта“ или „лична карта на увид“, ние ќе работиме со подзаконски акти на секоја од овие големи заинтересирани страни и ќе се обидуваме да го притискаме овој процес. Во ниту една држава не влегло од првиот ден во целосно користење, но јас очекувам дека, на пример, банки, осигурителни друштва, Министерството за внатрешни работи ќе бидат играчите или актерите коишто ќе бидат најактивни во овој процес.
360°: Ако ве запре сообраќајна полиција, ќе може ли да се идентификувате со личната карта и возачката дозвола од дигиталниот паричник?
Андоновски: Јас како ги читам моментално законите – да. Но, тоа е работа на Министерството за внатрешни работи и нивна надлежност во тие закони. Некои од правниците коишто ги консултирав од тоа министерство сметаат дека ќе треба да направат дополнителни измени на законите, каде што ќе кажат дека и електронската верзија на личната карта важи (затоа што ова не е нова лична карта – истата лична карта, со истиот број, истиот период на истекување и ние ги влечеме податоците од референтните бази на МВР, немаме свои референтни бази). Така што, ова се истите лични карти. Но, сметајќи дека МВР размислува во процес на дигитализација како што размислуваат и за „Safe City“, мислам дека ќе се движат во оваа насока, имајќи предвид дека новите набавени автомобили во МВР веќе ќе имаат таблет-уреди коишто можат да ги препознаваат и да ги читаат овие лични карти.
360°: Вие бевте ли вклучени некако во „Safe City“ или тоа е целосно автономен проект на МВР?
Андоновски: Тоа е проект на МВР, но ние дадовме определени коментари и забелешки коишто се однесуваат на нашите закони кои ги има Министерството за дигитализација, особено што се однесува на електронските документи, валидноста на електронските документи итн., сè со цел да не се случи да се издаваат документи коишто не се електронски валидни и потоа поради таа техникалија да паднат во некој од судовите. Забелешките ги испративме, така што се надевам дека ќе бидат примени.
360°: До каде сте со проектот „е-бебе“, кој треба да го автоматизира пријавувањето новороденчиња и издавањето прв извод?
Андоновски: Така е. Во моментот кога ќе се роди новороденче, најчесто таткото ја има таа обврска да помине во четири различни институции за да може на крајот да добие извод од матична книга на родени за своето дете. Често има еден апсурд во којшто тој вади и венчаница и извод од матична книга, свој и на сопругата, ги зема од еден шалтер и ги носи на друг шалтер за да може да извади извод од матична книга на родени. Целиот овој процес го дигитализираме. Вклучени се голем број институции и тоа малку зема време во смисла на координација. Платформата е готова. Во моментот правиме тестирање и мислам дека на 1 март ќе имаме функционалност во една, најголемата болница – таргетот е да биде тоа Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, затоа што имаме одлична соработка со Клиниката. Поентата е додека мајката е сè уште во болница, да го добие првиот извод од новороденчето на апликацијата.
360°: 1 март е повторно поместување на рокот што си го имавте зададено?
Андоновски: Проверував – не. Проверував, мојот коментар е „во текот на 2026 година“, така што ги проверувам овие датуми. Сè ова беше проблем на координација, затоа што имавме промена во Министерството за здравство што потекна во поголеми промени внатре во структурата. Здравство е клучен партнер поради системот „Мој термин“ и поради болниците, и тука моравме да дадеме простор да се уигра новиот тим. Но, имаме одлична соработка и заедно со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Управата за водење матични книги го стартуваме. И ова ќе биде процес во фази: во следната фаза ќе влезат (ова не сум го коментирал досега) Центрите за социјални грижи и општините, во коишто и здравственото осигурување за новороденчето и првата парична помош којашто ја дава Министерството за социјална политика, демографија и млади, а потоа и општините коишто нудат парична помош на новороденчето – по автоматизам родителите ќе ги добијат овие погодности без да треба да одат во секоја од овие институции.
